Келнер прогонувал богат Италијанец на улица: „Само 500 евра? Каков бакшиш е тоа?!“

од Nikola Popovski

„Многу богат Италијанец“, како што го опишува Дејли Мејл, останал вчудоневиден откако наводно бил прогонувал и следен од бесен келнер во Сент Тропе откако оставил бакшиш од 500 евра.

Инцидентот се случил во неименуван ресторан, а келнерот наводно го бркал сè до паркингот на гламурозното одморалиште на француската ривиера, жалејќи се дека тоа „не е доволно“.

Тој му рекол да се врати внатре и да плати уште 500 евра за да ја достигне „минималната“ сума на бакшиш од 1.000 евра, јавуваат локалните медиуми, а пренесува Јутарњи лист.

„Тој мислеше дека е дарежлив оставајќи бакшиш од 500 евра, а наместо тоа беше прогонуван. Келнерот му рекол дека тоа не е доволно и дека може малку да се потруди и да остави и до 1.000 евра, бидејќи тоа ќе биде близу 20 отсто од вкупната сума на неговата сметка“, рекол пријател на келнерот.

Италијанецот бил толку навреден од инцидентот што наводно му рекол на својот пријател дека никогаш повеќе не сака да стапне во Сент Тропе.

Незадоволството од Сент Тропе е актуелно меѓу туристите веќе подолго време, а некои споделуваат приказни за тоа како некои ресторани побарале од нив да потрошат минимум 1.500 евра, додека во другите делови на француската ривиера се очекува муштериите да потрошат најмалку 10.000 евра.

„Една вечер, ресторан кој добро го познаваме бараше минимално трошење од 1.500 евра по лице“, изјавил еден гостин за локалниот весник, додавајќи дека веројатно нема да се врати во Сент Тропе.

На едно семејство кое посетувало ресторан јужно од градот, персоналот му кажал дека минималното трошење на нивната маса е 100.000 евра. Се вели и дека вработените во ресторанот ги проверуваат своите гости, па доколку увидат дека претходно не оставиле добар бакшиш, не им дозволуваат повторно да резервираат маса, објави „Република“.

Градоначалничката на Сен Тропе, Силви Сири, истакна дека ги поканила сопствениците на локални ресторани на состанок на крајот на летната сезона, како би нашле решение за старите практики и „да ги пречекаат гостите на подостоинствен начин“.

„Нивната сегашна практика е слична на изнуда, тоа е форма на рекетирање“, рекла Сири.

Тоа е само еден пример за високите трошоци што ги пречекуваат гостите во баровите и рестораните во некои од најексклузивните европски одморалишта. Така, на еден гостин неодамна му било наредено да плати дополнителни 20 евра во ресторан во Палермо, Сицилија, за сечењето на роденденската торта што самите ја донеле.

Во друг италијански ресторан на гостите им наплатувале две евра за послужување на дополнителна празна чинија за да може нивната ќерка да ги проба тестенините. Сопственикот на ресторанот за „Тајмс“ објаснил дека надоместокот е логичен со оглед на тоа што повеќе чинии значи повеќе работа.

Еден пар побарал дополнителна лажичка и за тоа морале да платат дополнителни 1,50 евра, а на езерото Комо гостите морале да платат дополнителни две евра бидејќи персоналот го пресекол сендвичот што го нарачале.

Слични содржини