Кениска доминација на Скопскиот маратон, Ивановски се искачи на пиедесталот

од Nikola Popovski
66 прегледи

Рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји беа дел од јубилејното 20-то издание на Виз Ер Скопски маратон.

Трките започнаа точно во 8 часот пред Собранието на Република Македонија. Тркачите на маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон се упатија накај населбата Хром, по улицата Теодосиј Гологанов, по што се вратија назад во центарот на градот, каде продолжија покрај Тутунски комбинат, на Трета македонска бригада. Потоа се упатија лево по улицата Васко Карангелевски, кај Мајчин Дом, па потоа по Булевар Србија десно, каде полукружно се вратија на Тобако 2 и по Булеварот Јане Сандански се вратија на Трета македонска бригада и финишираа на Порта Македонија, на плоштадот во Скопје.

Учесниците на 5км својата трка ја започнаа пред Собранието, по што се упатија во правец на населба Аеродром, односно кај Тутунски комбинат лево, по „Трета македонска бригада” и откако свртеа полукружно кај Супермаркетот Тинекс, по истата траса се вратија назад до целта, на плоштадот „Македонија”.

Во генерален пласман, победник во машка конкуренција на годинешниот Виз Ер Скопски маратон е Хилари Чемвено (Hillary Chemweno) од Кенија, со постигнато време од 02:13:28, второто место го освои сонародникот Даниел Кипротич (Daniel Kiprotich) со време од 02:13:53, а пиедесталот го дополни македонскиот атлетичар Дарио Ивановски со резултат од 02:16:26.

Во женска конкуренција, во генерален пласман, прва на целта стигна Ирин Џеруто (Irine Jeruto) исто од Кенија со време од 02:37:52, второпласирана заврши нашата Адријана Поп Арсова со време од 02:39:39, додека третото место ѝ припадна на Вивиен Џелагат (Vivian Jelagat) од Кенија со време од 02:44:16.

Според резултатите, во конкуренција на македонските тркачи во маратонската трка, први се Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова како најбрзи Македонци на годинешната спортска манифестација, која ги разбуди скопските улици.

Тројцата најдобри на полумаратонската трка во машка конкуренција се турски атлетичари. На полумаратонот најбрз беше Џан Хусеин (Can Huseyin) со резултат од 01:05:54, на второ место заврши Мурат Емектар (Emektar Murat) со време од 01:06:40, додека третото место му припадна на Абдуархман Гедиклиоглу (Gediklioglu Abdurrahman) со време од 01:09:47.

Победничка на полумаратонот во женска конкуренција беше Бугарката Милица Мирчева (Militsa Mircheva) со време од 01:15:49, а втората и третата позиција ги зазедоа Албанката Греша Бакрачи (Bakraçi Gresa) со време од 01:21:14 и Норвежанката Џули Ларсен (Julie Larsen) со време од 01:22:04.

Во машка конкуренција кај македонските атлетичари победник на полумаратонот годинава е Иван Пешевски со време од 01:12:58, на второ место Александар Арсов со време од 01:13:49, додека трет беше Илија Кироски со време од 01:15:27.

Победничка во женска конкуренција кај македонските натпреварувачки на полумаратонот е Милјана Ристиќ со време од 01:22:55, второто место ѝ припадна на Фросина Михајловска со време од 01:31:23, додека како третопласирана заврши Теа Божиновска со време од 01:33:44.

Победник во најкратката трка на 5 км, беше Гилман Јунузи со време од 00:15:45 во машка конкуренција, втор заврши Григоријан Никовски со време 00:15:54, а третопласиран беше Бојан Чаприќ со постигнат резултат од 00:16:16. Во трката на 5 км кај дамите, прва низ целта мина Ирма Хајдари со време 00:18:31, а место на пиедесталот имаше и за Дарија Крстевска (00:19:38) и Христина Секулоска (00:20:37).

Слични содржини