КФОР им дозволил на вработените да влезат во општина Звечан, косовската полиција фрлила солзавец кон нив

од Stefanija Kuzmanovska
492 прегледи

Косовската полиција утрово фрли солзавец кон вработените во општина Звечан кои во неколку наврати се обидоа да влезат во зградата. Како што јави Радио-телевизија на Србија (РТС), вработените во неколку наврати се обиделе да го пробијат кордонот на специјалните единици на косовската полиција стационирани пред влезот на зградата.

Вработените во таа општина претходно биле пропуштени од страна на војниците на КФОР, кои од утрово се распоредени пред општинската зграда, вооружени и со опрема за да ги разбијат демонстрациите.

Пред таа зграда се претставници на Српската листа, Горан Ракиќ, Игор Симиќ и Драгиша Миловиќ, кои разговараат со претставници на косовската полиција, јавува РТС.

Во петокот, по обидите на граѓаните од северот на Косово да ја спречат полицијата да влезе во општинските простории во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, дошло до конфликт, во кој полицијата употребила солзавец, димни и шок бомби.

Неколку Срби беа повредени, а косовската полиција влезе во општинските згради и во нив ги донесе албанските градоначалници, кои победија на неодамна одржаните избори, на кои излегоа вкупно 3,4 отсто од гласачите.

Изборите, кои беа бојкотирани од српските политички претставници во Косово, беа организирани од Приштина на крајот на април, откако Србите ги напуштија косовските институции во ноември минатата година.

Слични содржини