Кичевски: Антикорупциска да го истражи случајот со парцелите во Лисиче

од Stefanija Kuzmanovska
162 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ во Скопје и скопските општини целосно ги изневери граѓаните. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ништо не работат, нема развој, НУЛА реализирани проекти во Скопје. Тоа се случува секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ ќе добие власт, изјави Васко Кичевски, претседател на ГО СДСМ Скопје на прес-конференција.

„Наместо развој, паркови и проекти за подобрување на животот на граѓаните ВМРО-ДПМНЕ режира измени на ДУП за изградба на згради во реони со зеленило и куќи.

Последен пример е случајот со парцели и измени на ДУП во населбата Лисиче, општина Аеродром.

Според информации кои се јавно објавени од повеќе медиуми, неколку парцели во Лисиче со површина од над 1.000 метри квадратни, биле купени како ниви, пред овој урабистички план да биде во процедура.

Дали купувачите знаеле дека токму таму ќе се градат згради и дали однапред знаеле дека маркиците за згради ќе бидат токму на тие парцели?

Ова отвора сериозни индиции и основани сомневања кои треба соодветни надлежни органи да ги расчистат.

Затоа, денеска ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да постапи, да оформи предмет и целосно да го истражи овој случај.

СДСМ ќе остане со граѓаните, ќе се спротивставиме и ќе сториме се за ваквите штетни решенија да не се реализираат. На граѓаните им требаат нови паркови и зеленило а не сомнителна бетонизација.

Данела Арсовска, Тимчо Муцунски и другите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ донесоа само уназадување на општините со кои раководат. Тоа е одлика на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје но и насекаде низ државата“, наведе Кичевски.

Слични содржини