Киев се огласи во врска со американскиот таен документ кој протече во јавноста

од Stefanija Kuzmanovska
189 прегледи

Протекувањето на доверливи информации за деталите за тајните планови на САД и НАТО да ѝ помогнат на Украина изгледа како руска дезинформативна операција за поткопување на планираната контраофанзива на Украина, оцени денеска советникот на началникот на кабинетот на украинскиот претседател Михајло Подољак.

Подољак за „Ројтерс“ изјави дека доверливите информации објавени во четвртокот во „Њујорк тајмс“ содржат, како што наведе, „многу голема количина на фиктивни информации“.

„Тоа се само стандардни елементи од оперативните игри на руската разузнавачка служба. И ништо повеќе“, изјави Подољак.

Тој оцени дека Русија бара каков било начин да ја поврати иницијативата и затоа се обидува да подигне сомнеж и да го компромитира контраофанзивниот план на Украина.

Пентагон истражува нарушување на безбедноста откако на социјалните мрежи беа обелоденети доверливи документи кои ги покажуваат плановите на САД и НАТО да ѝ помогнат на Украина во нејзината пролетна офанзива против Русија.

Документите беа распространети на Твитер и Телеграм, а наводно содржеле мапи и детали за пратките на оружје, силата на баталјонот и други чувствителни прашања.

Информациите од документите се стари најмалку пет недели.

Во еден текст се споменува планираната обука на 12 украински борбени бригади и се наведува дека девет од нив се обучуваат од силите на САД и НАТО и дека им се потребни 250 тенкови и повеќе од 350 механизирани оклопни возила.

Документите, од кои барем еден е означен како „строго доверливо“, наводно биле циркулирани преку проруските владини канали.

Слични содржини