Кина дозволи асимптоматските случаи на инфекција со ковид-19 и оние со благи симптоми да се лекуваат во карантин дома, соопшти денеска кинеската Национална здравствена администрација.
„Повеќето случаи на асимптоматска инфекција и благи случаи на болеста без потреба од посебен третман може да се лекуваат во домашна изолација“, се вели во соопштението на Националната здравствена комисија, пренесува „Ројтерс“.
Во соопштението се додава дека доколку е потребно, пациентите итно ќе бидат префрлени на лекување во ковид болница, додека кинеските здравствени експерти оценуваат дека доминантните видови на вирусот не се поопасни од сезонскиот грип.
Кинеските власти продолжија да ги олеснуваат мерките против ковид по серијата демонстрации минатиот месец, најголеми во континентална Кина откако претседателот Си Џинпинг ја презеде власта во 2012 година, и се чини дека ја напуштаат политиката на „нулта толеранција кон ковид“, пренесува „Ројтерс“.