Кина дозволи организирано туристичко патување во голем број земји меѓу кои и Македонија

од Nikola Popovski

Кина ја вклучи Македонија во групата земји во кои организираните туристички групи можат да патуваат, соопшти кинеското Министерство за култура и туризам. Одлуката стапува на сила веднаш, објави Ројтерс.

Ограничувањата за патување на организираните туристи од Кина, воведени за време на пандемијата на Ковид-19, од денеска исклучуваат уште 78 земји, меѓу кои и Германија, Велика Британија, Австрија, Полска, САД, Јапонија, Јужна Кореја, како и и Австралија.

Ова е трета група земји за кои се укинуваат ограничувањата за патување на организирани групи од Кина.

Првата беше одобрена од властите во Пекинг во јануари и опфати 20 земји, вклучувајќи ги Русија, Тајланд, Куба и Аргентина. Патувањето во втората група од 40 земји беше дозволено во март. Меѓу нив беа Франција, Португалија, Бразил и Непал.

Сепак, Кина не ја укина забраната за организирани туристички патувања во Канада во услови на заладени односи меѓу двете земји, посочува Ројтерс.

Пред пандемијата, патниците од Кина трошеле најмногу во странство во споредба со туристите од сите други земји. Во 2019 година, трошењето на кинеските туристи во странство изнесувало вкупно 255 милијарди долари, при што туристичките групи сочинуваат околу 60 отсто од таа сума.

Отсуството на кинески туристи за време на пандемијата имаше негативно финансиско влијание врз многу бизниси ширум светот кои се потпираат на туризмот, стои во текстот на Ројтерс.

Слични содржини