Кина во четвртокот објави дека „умерено“ ќе го намали бројот на американски филмови кои официјално се прикажуваат на нејзина територија, што е една од контрамерките во трговската војна со САД.
За разлика од попомирливиот тон кон остатокот од светот, американскиот претседател Доналд Трамп во средата ги заостри тарифите. Откако рече дека ќе паузира некои од неговите нови царини за остатокот од светот на 90 дена, Трамп ги зголеми тарифите за увоз од Кина на неверојатни 125 проценти.
Кинескиот министер за трговија вети дека Кина „ќе се бори до крај“ доколку Вашингтон продолжи со својата непријателска кампања за зголемување на царините и давачките.
„Лошите практики на американската влада, вклучително и злоупотребата на тарифите против Кина, може само да ја намалат популарноста на американските филмови кај кинеската публика“, рече портпаролот на Националната канцеларија за филмска уметност (CFA).
„Ќе ги следиме пазарните правила, ќе го почитуваме изборот на публиката и умерено ќе го намалиме бројот на американски филмови увезени во Кина“, се вели во соопштението на CFA објавено на нејзината веб-страница. Како причина за најавата тие ги наведуваат американските царини од 125 отсто за кинески стоки, што го опишуваат како „погрешен потег“.
Кина годишно увезува 34 странски филмови, од кои десет американски, за национална дистрибуција, според претходно договорениот систем на квоти. Иако американските филмови веќе не се толку популарни во Кина, вториот по големина филмски пазар во светот, тие сè уште заработуваат значителни суми – 585 милиони долари во 2024 година, или 3,5 отсто од кинескиот пазар, што донесе вкупно 17,7 милијарди долари на кино благајните.
Во 2024 година, најголемиот американски успех во Кина беше спектаклот „Godzilla x Kong: The New Empire“, кој заработи 132 милиони долари.
Иако увозот на американски филмови во Кина е ограничен, Кинезите имаат лесен пристап до странски филмови преку различни платформи за стриминг и пиратски сајтови.