Кина остро го осуди новоизбраниот претседател на Чешка за неговиот телефонски разговор со претседателот на Тајван

од Radmila Tasevska

Кина денес остро го осуди телефонскиот повик на новоизбраниот претседател на Чешка, Петр Павел, со претседателката на Тајван, Цај Инг-вен, сметајќи дека тој ја прекршил политиката на „една Кина“, пренесува Ројтерс.

„Новоизбраниот претседател на Чешката Република, Павел, ги игнорираше постојаните апели на Кина и продолжи да ги преминува црвените линии на Кина“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг Мао.

Тој оцени дека Павел „сериозно се мешал во внатрешните работи на Кина и ги повредил чувствата на кинескиот народ“.

Според портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кина, Павел со тоа го прекршил ветувањето дека ќе се придржува до политиката на „една Кина“, што наводно јавно го кажал за време на изборната кампања.

Новоизбраниот претседател на Чешка разговарал со претседателката на Тајван на 30 јануари, а неговиот кабинет го означил разговорот како „дипломатски пробив“, пишува чешкиот портал seznam.cz.

Павел и рекол на тајванската претседателка Цај Инг-вен дека Тајван и Чешка ги споделуваат вредностите на слободата, демократијата и човековите права и дека ќе го зајакнат нивното партнерство.

Чешката влада официјално се придржува до политиката на една Кина, но неодамна покажа зголемен интерес за соработка со Тајван, наведува агенцијата.

Слични содржини