Кина предупредува: светот не смее да се врати на „законот на џунглата“, BBC најавува прв чекор на ЕУ против САД

Глобалните тензии нагло се зголемија по новите изјави и објави на американскиот претседател Доналд Трамп, во кои тој повторно инсистира дека Соединетите Американски Држави мора да го преземат Гренланд.

од desk4
21 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ПОЛИТИКО

Според најавите, Трамп утре треба да се појави на Светскиот економски форум во Давос, каде што се очекува ова прашање да го отвори во разговори со европските лидери.

Паралелно со тоа, BBC објави дека Европската унија утре ќе преземе прв конкретен чекор против САД, со суспендирање на трговскиот договор меѓу двете страни. Овој потег доаѓа како одговор на сè поострата реторика од Вашингтон и најавите за нови царински мерки.

На својата социјална мрежа Truth Social, Трамп остро ги нападна и Обединетото Кралство поради одлуката островот Диего Гарсија да му го предаде на Маврициус, оценувајќи ја како „голем идиотизам“. Тој додаде дека тоа е уште една причина зошто САД, според него, мора да го преземат Гренланд. Во исто време, се закани со воведување царини од 200 проценти за француски шампањ и вина, доколку францускиот претседател одбие да се приклучи на неговиот т.н. „Комитет за мир“.

Францускиот претседател Емануел Макрон порача дека Европа „преферира почит, а не насилници“, додека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека е време да се гради „нова, независна Европа“.

Од Пекинг пристигна јасна порака. Кина предупреди дека меѓународната заедница не смее да се врати на „законот на џунглата“, алудирајќи на унилатералните потези и заканите со сила во глобалната политика.

Реакции дојдоа и од Маврициус, од каде што одлуката и изјавите на Трамп беа оценети како „скандалозни и шокантни“. Британските власти, пак, соопштија дека договорот за островите Чагос бил прифатен затоа што во спротивно била доведена во прашање иднината на тамошната воена база.

Во меѓувреме, Трамп повторно се огласи со порака дека без него „денес немало да постои НАТО“, тврдејќи дека ниту еден американски претседател не направил повеќе за Алијансата од него.

Развојот на настаните околу Гренланд, трговските односи меѓу ЕУ и САД и реакциите на глобалните актери најавуваат уште пожесток дипломатски судир во деновите што следат.