Кина го суспендира увозот на лосос од Европа од страв дека консумирањето риба од европските добавувачи може да придонесе за појавата на вториот бран на коронавирусот во главниот град на земјата, иако експертите велат дека рибата веројатно нема да го пренесе вирусот, пренесува „South China Morning Post“.
Државниот дневен печат во Кина објави дека вирусот е откриен на табли што се користат за сечење месо од лосос на пазарот во Пекинг во центарот на новиот кластер на инфекција, што ги разгоре стравувањата од нов бран на епидемијата во Кина.
Како резултат на ова откритие, поголемите супермаркети во Пекинг го повлекоа лососот од продажба, а еден од извозниците на оваа риба од Норвешка во Кина потврди за Ројтерс дека кинескиот пазар е затворен и дека увозот на лосос од Европа во оваа земја во моментов е суспендиран.
Генетските студии за вирусот во новото жариште поврзани со пазарот во Пекинг индицираат дека Европа би можела да биде областа на неговото потекло.
Сепак, иако во вирусот е откриен европски генетски код, научниците тврдат дека е тешко да се утврди со прецизност дека навистина е од Европа.
Тие забележуваат дека глобалното ширење на короната покажало дека вирусот се менува со преселувањето во различни области, а потоа продолжува да циркулира, поради што една форма на коронавирусот од Европа, може да се прошири во Азија.