Кина сака истрага во САД за потеклото на Ковид-19

од Vladimir Zorba
296 прегледи

Кинеските власти сметаат дека Соединетите држави треба да бидат приоритет во следната фаза на истрагата за потеклото на Ковид-19, откако студијата покажа дека болеста веројатно циркулирала таму во декември 2019 година.

Студија објавена оваа недела од Националниот институт за здравство на САД (NIH) покажа дека најмалку седум лица во пет различни држави во САД биле заразени со вирусот Ковид-19, неколку недели пред да бидат пријавени првите официјални случаи.

Главниот епидемиолог на Кинескиот центар за контрола и превенција на болести, Зенг Гуанг, рече дека сега треба да се насочи вниманието кон Соединетите држави, кои полека тестираа луѓе во раните фази на пандемијата, а исто така тие се седиште на многу биолошки лаборатории .

„Сè што е поврзано со биолошко оружје што го имаат Соединетите држави, треба да биде подложено на контрола“, рече Зенг за кинески „Глобал тајмс“, пренесе Ројтерс.

Коментирајќи ја студијата во средата, портпаролот на Министерството за надворешни работи Жао Лиџијан рече дека сега е очигледно дека епидемијата Ковид-19 има „повеќекратно потекло“ и дека другите земји треба да соработуваат во истрагата со Светската здравствена организација (СЗО).

Потеклото на пандемијата стана извор на политичка напнатост меѓу Кина и САД, а фокусот беше ставен на Институтот за вирусологија во Вухан, Кина, каде за прв пат беше идентификувана епидемијата на крајот на 2019 година .

Според неодамнешното пишување во „Волстрит журнал“, извештајот на националната лабораторија на американската влада заклучува дека е веројатно дека вирусот протекол од оваа кинеска лабораторија.