Кина ветува поотворена економија по самитот со ЕУ

од desk2

Редовниот самит меѓу Европската Унија и Кина заврши со минимални заложби и амбиции во контекст на зголемени трговски и политички тензии меѓу двата блока.

Неодамна Европската Комисија првпат ја прогласи Кина за „системски ривал“ на ЕУ и им предложи на земјите членки низа мерки за справување со растечката конкуренција и заканите кои ги претставува азискиот гигант за европскиот континент. ЕУ е загрижена, меѓу другото, за нефер условите за пристапот кон кинескиот пазар, во голем дел затворен и заштитен од државата, и јавните набавки, но и за безбедносните закани од кинеската технологија, како развојот на 5Г мрежата.

По средбата со европските претседатели, Жан Клод Јункер и Доналд Туск, кинескиот премиер Ли Кечијанг денеска вети дека неговата земја ќе вложи напори за поголема отвореност на економијата.

-Сакаме да дадеме поголем пристап до пазарот и да има еднаков третман на европските и на кинеските претпријатија, таа отвореност треба да биде взаемна, работиме за изнаоѓање решение за бариерите идентификувани од двете страни, ќе излеземе со заклучоци на следниот самит, изјави кинескиот премиер.

Двете страни успеаја да постигнат заедничка декларација на крајот на состанокот, иако таа беше неизвесна до последен момент, и уверија дека разговорите течеле конструктивно и во дух на „взаемна почит и еднаквост“.

Заклучоците се однесуваат на речиси сите полиња на соработка помеѓу двата блока од трговија до безбедност, но делот за човековите права остана премногу слаб според невладините организации, како Хјуман Рајтс Воч, која бараше посилна осуда за нарушувањата на фундаменталните права на малцинствата и третманот на политичките затвореници.

Кина и ЕУ нагласија дека остануваат посветени на мултилатералниот трговски систем и реформа на Светската трговска организација (СТО), што подразбира и построги правила во делот на државните субвенции за индустријата во Кина.

-Ова е исчекор, првпат Кина се согласи да се вложи во дискусии со Европа за оваа клучна реформа на СТО, изјави Туск на прес конференцијата, а напредокот во овој дел ќе се разговара на следниот самит.

Слични содржини