Кинеската енергетска криза остава последици низ целиот свет

од Vladimir Zorba

Влијанието на кинеската енергетска криза почнува да се чувствува низ целиот свет, наштетувајќи им на сите, од гиганти од автомобилската индустрија, како што е Toyota Motor Corp. до австралиските одгледувачи на овци и производители на картонски кутии.

Екстремниот недостаток на електрична енергија предизвикан од ненадејниот скок на цените на јагленот во најголемиот светски извозник треба да му наштети на економскиот раст на Кина, а големиот удар врз синџирите на снабдување може да ја загрози глобалната економија, која се бори да излезе од пандемијата.

Времето не може да биде полошо, бидејќи поморската индустрија веќе се соочува со пренатрупани линии за снабдување што ја одложуваат испораката на облека и играчки за празниците на крајот на годината. Доаѓа време кога Кина ја започнува сезоната на жетва, што предизвикува загриженост за наглото зголемување на сметките за храна.

„Доколку продолжи недостатокот на електрична енергија и намаленото производство, тие би можеле да станат уште еден фактор што предизвикува глобални проблеми на страната на понудата, особено ако почнат да влијаат на извозното производство“, рече Луис Куис, виш економист за азиските пазари во Оксфорд економикс, пренесе „Блумберг“.

Побавен раст

Економистите веќе предупредија за побавен раст во Кина. Ситигруп, со својот индекс на ранливост, проценува дека извозниците на инпути во кинескиот производствен сектор, како и стоки, се особено изложени на ризик од слабеење на кинеската економија. Соседните земји како Тајван и Јужна Кореја се чувствителни, како и извозниците на метали како Австралија и Чиле, а клучните трговски партнери, како што е Германија, исто така се помалку изложени.

Што се однесува до глобалните потрошувачи, прашањето е дали производителите и трговците на мало ќе апсорбираат повисоки трошоци или ќе ги пренесат во други сфери.

„Ова изгледа како уште еден стафлациски шок за производството, не само за Кина, туку и за целиот свет“, рече Крег Ботам, главен економист за Кина во „Пантеон макроекономикс“. „Зголемувањето на цените досега беше доста широко и е резултат на длабоката вмешаност на Кина во глобалните синџири на снабдување.

Официјален Пекинг нареди на рудниците за јаглен да го зголемат производството додека „го пребаруваат светот“ за снабдување со енергија, обидувајќи се да ја стабилизираат ситуацијата. Влијанието врз глобалната економија ќе зависи од тоа колку брзо овие напори ќе вродат со плод. Многу кинески фабрики го намалија производството за овогодинешниот празник „Златна недела“, а економистите внимателно следат дали ќе се врати недостатокот на електрична енергија акот тоа повторно се зголеми.

Поради силниот одговор на кинеската влада, „најлошиот дел од оваа енергетска криза – но не и целата криза – би можел да заврши наскоро“, велат економистите во Сосиете Женерал СА во својот извештај. Сепак, ограничувањата за потрошувачка на енергија во енергетски најинтезивните индустрии, како што се челик, алуминиум и цемент, ќе траат со месеци, а Кина ќе продолжи агресивно да го таргетира увозот на природен гас, додавајќи глобални притисоци на цените, велат тие.

Домино ефект по индустриски сектори

Некои индустрии се веќе под притисок, а штетата што ја гледаат може да биде нанесена на други сектори.

Производството на картонски кутии и материјали за пакување веќе беше попречено од големата побарувачка за време на пандемијата. Сега, привремените исклучувања во Кина уште повеќе го погодија производството, што доведе до можно намалување на понудата од 10 на 15 проценти во септември и октомври, според „Рабобанк“. Ова ќе додаде дополнителни компликации за компаниите кои веќе страдаат од глобален недостиг на хартија.

Инфлацијата со храна се загрева, а енергетската криза може да ја влоши ситуацијата. Синџирот на снабдување со храна е исто така во опасност, бидејќи енергетската криза ја прави сезоната на жетви потешка за најголемиот светски земјоделски производител. Глобалните цени на храната веќе скокнаа на највисоко ниво во последната деценија, и постои зголемена загриженост дека ситуацијата ќе се влоши додека Кина се бори да се справи со културите – од пченка, преку соја, до кикирики и памук.

Технолошкиот свет, исто така, може да претрпи драматичен удар, со оглед на тоа што Кина е најголемата база во светот за производство на електронски уреди, од Ајфони до гејмерски конзоли и голем центар за пакување полупроводници што се користат во автомобили и апарати.

Доколку енергетската криза се влоши, може да го погоди производството пред клучната празнична сезона на крајот на годината. Индустриски гиганти, вклучително и Dell Technologies Inc. и Sony Group Corp. едвај можат да си дозволат друг шок во снабдувањето откако немирите предизвикани од пандемијата го поттикнаа глобалниот недостаток на чипови што ќе продолжи во 2022 година и понатаму.

Секое натамошно влошување на пазарот на полупроводници, исто така, ќе додаде главоболки кај производителите на автомобили, кои веќе забележаа намалување на производството поради недостаток на чипови.

Слични содржини