Кипар и Либан бараат финансиска помош од ЕУ за ограничување на миграцијата

од Симе Стоиков

Либанскиот премиер Наџиб Микати и кипарскиот претседател Никос Христодулидис на состанокот во Бејрут ја повикаа Европската унија да обезбеди поголема финансиска помош за Либан за да може да ги спречи мигрантите да стигнат до европските брегови.

Претседателот на Кипар е во Либан со министрите за внатрешни работи и за надворешни работи и врховниот командант на армијата, откако минатата недела ја повика ЕУ да соработува со Либан за да се намали бројот на бегалците од Сирија кои пристигнуваат на Кипар со брод.

Либанскиот премиер рече дека неговата армија и другите служби прават се што е во нивна моќ за да ја спречат илегалната миграција, но дека е потребен „билатерене договор“ со ЕУ, од каков што Тунис и Египет добиваат финансиска помош поврзана со спречување на миграцијата.

Христодулидис го поддржа склучувањето на сличен договор на ЕУ со Либан и Кипар. Либан и Кипар имаат билатерален договор за враќање на мигрантите кои пристигнуваат на Кипар од Либан.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи на Кипар, годинава со брод од Либан на Кипар пристигнале 2.140 лица, главно од Сирија, а во првите три месеци од 2023 година имало 78 лица.

Во Либан има 805.000 сириски бегалци регистрирани во ОН, а либанските власти велат дека реалната бројка е меѓу 1,5 и 2 милиони луѓе.

Либанскиот премиер Микати денеска изјави дека поголемиот дел од Сирија е безбеден бидејќи војната стивнува и ја повика ЕУ да го поддржи враќањето на бегалците во земјата или да им помогне да се преселат на друго место.

Кипарскиот претседател Христодулидис рече дека повеќето Сиријци се економски мигранти и побара од меѓународната заедница да финансира развојни проекти во Сирија кои ќе помогнат да се поттикне или мотивира нивното враќање.

Сепак, ОН, групите за човекови права и западните влади велат дека Сирија сè уште не е безбедна за репатријација.

Слични содржини