Заменик директорот на Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“, Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, изјавила дека очигледно нема да имаат нов бран на коронавирус на аесен, но дека со овој прв ќе влезат во периодот на други респираторни инфекции, кој само ќе продолжи.

Таа рекла дека е малку веројатно дека ќе имаат 28 дена без нови инфекции, што е услов да се каже дека првиот бран на епидемијата завршил.
Кисиќ Тепавчевиќ посочила дека во последните неколку недели имаат постепен пад на лабораториски потврдени случаи на инфекција со коронавирус, но затоа сега треба да продолжат да се придржуваат до сите мерки без никакво опуштање, бидејќи се покажале како ефикасни.
Таа посочила дека епидемиолошката состојба може повторно да се разгори и дека особено загрижувал фактот што имаат растечки тренд на случаи во околните земји.
Таа исто така потенцирала дека сите граѓани кои одат на одмор во други држави треба да знаат дека во моментов има поголема шанса да се заразат таму отколку во сопствената земја.