Ќе беше сомнително ако донаторот на ДУИ добиеше тендер со највисока цена, а не со најниска, вели Ковачевски

од Vladimir Zorba
401 прегледи

Спонзорирањето на политичките партии е дел од Законот за политички партии и финансирање на политички партии и тоа е регулирано согласно тој закон. Доколку одредена компанија финансирала политичка партија, согласно закон тоа треба да биде наведено и треба да биде објавено како што во овој случај било објавено. Дали тоа имало влијание врз изборот, тоа треба да го провери Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) која веќе објави дека ќе отвори случај по тој основ, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања во врска со градежната фирмата „Еуровиа“.

Според Ковачевски, на тендерот што го објави МНР за преадаптација на салата „Борис Трајковски“ за претстојниот Самит на ОБСЕ, очигледно е избрана најниската понуда, но секој од понудувачите има право на жалба согласно Законот за јавни набавки.

Би било сомнително, оцени премиерот, доколку некој е донатор на одредена политичка партија и добие тендер со највисока цена, а не со најниска цена.

-Би било уште посомнително доколку некој добие тендер, е донатор на некоја политичка партија, а не е заведен дека е донатор на политичка партија. Е тоа мора да проверите кај оние што беа претходна власт како го правеле, па како купувале плацеви, итн. Тоа таму ќе треба да се провери – како се купувале билборди, па кој им ги плаќал тие билборди, кај не ги плаќал, кој ги отпишал, итн., ама тоа е прашање за други, бидејќи тоа во моментов го нема. Така што, тоа се фактите. Јас можам да ви кажам врз основа на факти каква е ситуацијата, а ДКСК секако дека целиот случај ќе си го испита во однос на документацијата, постапката и изборот на изведувачот, дециден е премиерот.

Се работи за тендер, додаде, што е објавен согласно закон и на кој учествувале повеќе фирми.

-Бројот на фирми МНР го објави, дури ги објави и цените на понудувачите во однос на работата што требале да ја извршат. Се работи за тендер што е направен со цел организација на Самитот на ОБСЕ што ќе се случи во Северна Македонија. Тоа е голема чест за државата. Меѓутоа, тоа е и голема обврска за која и во времето кога сме го добиле претседавањето со ОБСЕ е определен и буџет, а се знаело и што треба да се прави. Во однос на добитникот на тендерот, тој е организиран од страна на МНР. МНР имаше детално информација колку компании учествувале, какви суми понудиле во однос на извршувањето на работите. Очигледно е дека избрана најниската понуда. Секој од понудувачите има право на жалба согласно со Законот за јавни набавки. Нормално дека, сигурно дека се вклучени, бидејќи јас не сум учествувал во постапката, ниту Владата како колективен орган, туку МНР тоа го има организирано можат да бидат спроведени сите постапки и тие верувам дека се спроведени. И на крајот ќе треба изведувачот тоа да го направи. Инаку, се работи за компанија која работи и на други инфраструктурни објекти, истакна Ковачевски.

Тендерот, објасни, доминантно се состои од градежни и реконструктивни работи во салата „Борис Трајковски“.

-Бидејќи сите знаете дека нашата држава нема конгресен центар во кој може да се одржуваат големи самити за разлика од некои други големи градови во светот кои имаат конгресни центри и кои можат лесно да ги адаптираат, „Борис Трајковски“ е сала изградена пред скоро две децении и во која голем дел од опремата и од условите логистички внатре не одговараат на стандардите за одржување самит на ОБСЕ. Затоа е распишан тендер на кој точно по спецификација треба да се извршат тие работи, рече премиерот, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на новата градинка во Карпош.

Слични содржини