Ќе биде ли Македонија дел од „Коалицијата на подготвените“ за Украина? Министерството за одбрана без конкретен одговор

Министерството за одбрана без конкретен одговор на прашањата на „Локално“дали Македонија ќе се приклучи на „Коалицијата на подготвените“ во која ќе бидат вклучени 37 земји од Европа, вклучително и Франција и Велика Британија, од министерството само кусо одговорија дека јавноста ќе биде информирана за сите следни чекори на министерството во однос на безбедноста и безбедносните случувања.

од Даниел Ѓорѓиевски
115 прегледи

Министерството за одбрана без конкретен одговор на прашањата на „Локално“дали Македонија ќе се приклучи на „Коалицијата на подготвените“ во која ќе бидат вклучени 37 земји од Европа, вклучително и Франција и Велика Британија, од министерството само кусо одговорија дека јавноста ќе биде информирана за сите следни чекори на министерството во однос на безбедноста и безбедносните случувања.

“За сите одлуки во врска со безбедносните случувања, јавноста навремено ќе биде информирана, без конкретни одговори кои се следните чекори кои ќе ги преземе Македонија„ стои во дописот до Локално.

Инаку, во контекст на случувањата, претходно  министерот за одбрана, Владо Мисајловски информираше дека Македонија нема да испраќа војници на украинско тло. Тој исто така информираше дека ние како земја-членка на НАТО сме четврта земја по пружена помош во вид на различна опрема, а е доделена за Украина.

„Нема да има македонски војници на украинско тло. Но, дали по завршувањето на војната и потребата за било каква помош – прво треба да го видиме како побарување. Различни земји имаат различно размислување. Никој досега не побарал од нас да има македонски војници“ одговори Мисајловски на новинарски прашања.

Инаку, Британскиот премиер Кеир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон преговараат со 37 земји за формирање на „коалиција на подготвените“ со цел зајакнување на одбранбените капацитети на Украина во случај на мировен договор. Според информациите, Обединетото Кралство и Франција настојуваат да ја зацврстат позицијата на Украина во преговорите, особено во услови кога американскиот претседател Доналд Трамп активно бара начин за постигнување на спогодба во руско-украинската војна. Како две европски нуклеарни сили, Лондон и Париз развиваат стратегија за обезбедување на долгорочна безбедност на Украина.

На разговорите кои беа водени во Париз во вторникот присутни беа и земји кои не се членки на НАТО, како Австралија, Јапонија и Нов Зеланд. Освен нив, воени лидери од десетици европски држави и Канада дискутираа за стратегиите и обемот на помошта што би можеле да ја понудат.

Секоја земја беше повикана да прецизира каков придонес е подготвена да даде. Оние кои одбија да испратат војници во Украина, беа прашани дали би распоредиле сили во соседните европски земји или би обезбедиле алтернативни форми на помош, како што се бродови за чистење мини, борбени чамци, авиони, тенкови и разузнавачки податоци.

Д.Ѓ.

Слични содржини