Регресот за годишен одмор или популарно наречен К – 15 годинава изнесува 18 илјади денари или најмалку 40 отсто од просечната нето-плата по вработен исплатена во последните три месеци. За работодавците, кои нема да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени, Законот предвидува казна до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра за компанијата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа.
Од пред две години освен работниците од приватниот сектор регрес за годишен одмор добиваат и работниците од јавниот сектор. Годинава административците ќе добијат К – 15 во износ од 12 илјади денари или 30 проценти од просечната плата.
Во јавниот сектор има 128 илјади вработени, а К – 15 треба да добијат 84 илјади вработени во органите на државната и на локалната власт, во институциите од науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и од други дејности од јавен интерес утврдени со закон, а организирани како агенција, фонд, јавна установа и јавно претпријатие основано од Републиката или од општина, од Градот Скопје, како и од општина во Градот Скопје.
Согласно Законот, К – 15 се исплаќа до 31 декември, а може да почне да се исплаќа од 1 јули. Работникот има право на регрес за годишен одмор под услов да работел најмалку шест месеци во календарската година, кај ист работодавец. К – 15 се исплаќа еднаш во текот на годината, а исплатата е задолжителна за работодавачите.
Некои работодавачи ја користат дупката во законот и под изговор дека имаат финансиски потешкотии исплаќаат помал износ на К – 15 од законски утврдениот. Имено во Општиот колективен договор постои клаузула според која фирмите што имаат финансиски тешкотии можат да исплатат помал износ на К – 15. Но, доколку се злоупотреби оваа можност, односно доколку се утврди дека фирмата работи добро, а прикаже негативна добивка, ќе следуваат казни.
Но и покрај високите казни, во државата се уште има газди кои не исплаѓаат К -15, кои исплаќаат понизок износ од законски утврдениот, кои исплаќаат К – 15 од само еден денар или кои на работниците им го бараат да им го вратат назад.
Б.С.