Ќе поскапат бурекот и ѓеврекот, нема веќе евтин појадок ниту од пекара

Во најголема опасност се мали пекари, малите занаетчии... кои произведуваат во гаражи, подруми, станови, дуќани...кои се дел од домаќинствата и не се регистрирани како посебни стопански субјекти и затоа плаќаат поскапа струја, изјави за „Локално“, Миле Бошков претседател на Бизнис - конфедерација на Македонија.

од Vladimir Zorba
363 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Некои пекари веќе ги зголемија цените на белите печива и на бурекот, а некои допрва се очекува да го направат тоа. Граѓаните реагираат дека во некои пекари цените се веќе поскапени, а некои печива се продаваат дури за 10 денари повеќе од претходно. Главната причина за ваквиот скок на цените е поскапување на струјата, поради тоа не се исклучени дополнителни нагорни корекции на цените на другите производи од брашно во периодот што следува. И покрај тоа што цените на пекарските производи беа зголемени пред неколку месеци, граѓаните повторно ќе се соочат со поскапување на нивниот омилен појадок – бурек или ѓеврек и јогурт.

-Со оглед на тоа што струјата е еден од клучните трошоци во нашата индустрија принудени сме да ги корегираме цените за да имаме економската одржливост на бизнисот. Освен струјата зголемена е и цената на работната рака што директно влијае на зголемување на трошоците на производство, а тие на цените на крајните производи, велат производителите.

Од бизнис секторот апелираат до малите пекари и занаетчии да купуваат поевтина струја кај регистрирани трговци на слободен пазар за да го избегнат поскапувањето на производите.

Миле Бошков; Фото: Фејсбук/Официјален профил

-Приватниот сектор треба да ги оптимизира трошоците за производство за да не дојде до зголемување на цените. Точно дека зголемување на струјата ќе влијае на зголемување на трошоците на компаниите, но тие треба да купуваат поевтина струја кај регистрирани трговци за да го избегнат поскапувањето на производите. Во најголема опасност се мали пекари, малите занаетчии… кои произведуваат во гаражи, подруми, станови, дуќани…кои се дел од домаќинствата и не се регистрирани како посебни стопански субјекти и затоа плаќаат поскапа струја, изјави за „Локално“, Миле Бошков претседател на Бизнис – конфедерација на Македонија.

Според него, пекарите треба да направат калкулација на трошоците, односно зголемената цена на струјата да ја компензираат со намалените цени на суровините и на нафтата за да не ги зголемат цените.

-Ако пекарите ги зголемат цените на белите печива и на бурекот, дел  од граѓаните ќе се откажат од купување на овие производи и ќе купуваат појадок од маркетите или ќе си носат од дома, додава Бошков.

Четврт бурек со јогурт стигна до 120 денари, симит погача се продава по 40 и 50 денари, ѓеврекот од 30 денари нагоре, а под 30 денари нема веќе ниту бели печива.

Б.С.