Ќе се формира ново политичко движење предводено од Изет Меџити

од Vladimir Zorba
349 прегледи

Изет Меџити, пратеник од ДУИ и дел од т.н. огнена група денеска најави дека ќе се формира ново политичко движење во кое веќе се вклучени тројца пратеници од редовите на ДУИ, но и многу други лица кои дале оставка од партиските функции. Меџити кажа дека официјалното формирање на новиот политички субјект ќе биде на 13 август.

– Дојдовме до заклучок дека се исцрпени сите можности да делуваме за внатрешно подобрување на Демократската унија за интеграција, и после тоа, денешниот заклучок е дека формираме ново политичко движење, истакна во изјава за медиумите пратеникот Изет Меџити, еден од водачите на досегашната фракција внатре во ДУИ, по денешната дебата што се одржа во просториите на Општина Чаир.

Тој апелираше сите интелектуалци кои не биле вклучени досега или се вклучени во други политички партии но не се задоволни, сите луѓе кои, како што кажа, сакаат да придонесат за подобар стандард, сакаат да служат на граѓаните, не само да земаат гласови и да заборават, туку да служат на каузата, ќе имаат отворена врата во новото политичко движење.

Во однос на поранешната поддршка којашто ја имаше оваа поранешна фракција од останатите членови на ДУИ, односно, Блерим Беџети, Невзат Бејта и Муса Џафери, кои не присуствуваа на денешниот настан, Меџити рече дека не е сам, тројца пратеници се веќе вклучени а има најави за вклучување и на други пратеници.

– За господата за коишто зборувате јас сум убеден дека и денес тие исто размислуваат како што размислуваа и пред шест месеци и пред една година, дека ДУИ има изгубено контакт со реалноста, но тројцата одлучиле дека мислат дека се уште има можности да се делува внатре во ДУИ. Ние другите, со нашата анализа одлучивме дека се исцрпени сите можности, нема простор за делување внатре во ДУИ и формираме ново движење за коешто времето ќе покаже кој е во право, истакна Меџити.

Тој информираше дека според заклучокот донесен на денешната дебата, официјалното формирање на овој политички субјект ќе биде на 13 август, Ден на Рамковниот договор.

Меџити објасни дека новиот политички субјект во принцип ќе функционира како партија, но именувањето ќе гласи како политичко движење, додека за името рече дека ќе има дебата и ќе се разгледаат најдобрите предлози, не само за името, туку и за програмата, платформата и другите цели.

На новинарското прашање дали е ова игра на ДУИ или е стварно незадоволство кое ќе се артикулира до крај тој објасни дека со формирање на ново опозициско политичко движење од позиција на власт е аргумент дека се сериозни во нивните намери.

На прашањето дали ќе бидат спремни за евентуални предвремени избори, Меџити рече дека токму затоа брзаат со формирање на ова движење за да бидат спремни за секаков вид на предизвици коишто можат да се појават во меѓувреме.

Слични содржини