Ќе се казнуваат ли граѓаните доколку не се променат личните документи со Северна Македонија до 2024.година?

од Vladimir Zorba
675 прегледи

Во ниту еден случај нема да стане збор за казнување на граѓаните, тоа нема да го направиме, ниту пак да трпат во остварувањето на своите права, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во врска со законската обрска за промена на личните документи.

– Во континуитет, како ќе се одвиваат состојбите, такви одлуки ќе носиме, но, одлуките секогаш ќе бидат во интерес на граѓаните, рече тој.

Министерот Спасовски информираше дека фреквенцијата за промена на лични документи е зголемена и оваа година. Тој посочи дека најфреквентни се месеците јуни, јули и август, а минатата година за истиот период, како што рече, имало над 50 илјади барања месечно за промена на лични документи.

– И оваа година бројката се движи во таков обем. Како што наближи летниот период, годишните одмори, имаме и зголемена фреквенција. Овие денови малку опаѓа. Во Скопје како најголем број побарувачката е голема, рече министерот.

Тој рече оти смета дека сите активности кои што ги преземаат се во насока да одговорат на барањата на сите граѓани и истакна дека е важно што производството на личните документи тече во континуитет.

– За прв пат после 30 години имаме базни станици во дипломатско конзуларните претставништва кои што можат и таму да вадат лични документи, тоа ја намалува бројката, рече тој.

Министерот препорача дека најважно е сите оние кои што сакаат да добијат термин, или го добиваат, да го почитуваат истиот, бидејќи, како што рече, изместувањето на терминот значи проблем за целиот систем.

– Наредниве денови имаме одредени предлози кои што ќе помогнат во релаксирање на целиот тој систем, ако погледнеме, до скоро, околу еден милион граѓани ги смениле своите документи. Значи динамиката е добра, рече министерот кој заклучи дека според оваа успешно ќе се заврши промената на личните документи.

До февруари 2024 година, граѓаните имаат законска обврска да ги сменат сите лични документи на кои наместо досегашното име Република Македонија, треба да стои новото име кое произлегува од Преспанскиот договор, Република Северна Македонија.

Слични содржини