„Ќе се најдеме на сите насловни страници, помалку е застрашувачки“: Дали Македонија прави преседан со најавите за протести против членовите на Судскиот совет?

Која власт најавува преседан и протест против судската власт - извршната, законодавната или партиската?

од Nikola Popovski
486 прегледи

Владата ќе излезе на улица и ќе протестира против „петмината жигосани“ – вака може да се сфати вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски за членовите на Судскиот совет (СС) на кои им Собранието им изгласа недоверба. Иако таквата одлука не е обрзувачка за тие судии, од владиниот кабинет се решени по секоја цена да ги остранат такви кадри од функциите, со оглед дека членовите на СС барем засега немаат во план да си поднесат оставки. Премиерот најави дека ќе биде во првите редови против „корумпираните судии“ и дека „ќе им се случи народ“.

Без разлика што довербата во судството кај граѓаните е премала и повеќе од очигледно е дека се потребни промени, се поставува дилема во јавноста дали ова е „најавуваната реформа“ и дали досега некаде е забележан ваков преседан – власта, особено нејзини први членови, да организира протести против членови на правосудниот систем? За адвокатот и поранешен член на Антикорупциската комисија, Драган Малиновски, сите сме помалку затечени од ваквата најава за решавање на работите во судството. Се согласува дека е преседан и смета дека ова е политичка порака кон членовите на СС од оние кои ги избрале.

-Сега е префрлено на членовите на СС. Сепак, страшна е најавата за евентуални протести, не дека СС е одличен и одлично си ја врши работата – состојбите се такви какви што се и не се како што требало да бидат, но прашањето е дали ова е начинот на разрешување на состојбите. Апсолутно ќе се сложиме дека помалку е застрашувачки од причина што многу е ризично на ваков начин. Веќе имаме упад или притисок на двете власти кон третата власт, но одење со протести и притисок за извршување на функцијата и да си поднесат оставка – во оценките кои ќе ги добиваме понатаму ќе биде на прво место како негативна оценка на тие што не оценуваат. Во последниот извештај на ЕК е назначено дека е неприфатливо тоа што се прави притисок врз Судскиот совет и тоа беше една блага варијанта со заканите за разрешување. Имавме забелешки дека власта не смее така да се однесува. Со одењето на протести, мислам дека ќе бидеме на насловни страници во регионот, вели Малиновски за „Локално“.

Драган Малиновски

Соговорникот поставува и една друга околу наследниците на петтемина кои добија интерпелации.

-Ајде да речеме дека ако насилно бидат сменат членовите на СС и промената против нивната волја поради нивниот кредибилитет, каков кредибилитет ќе имаат оние што насилно ќе бидат донесени? Зборуваме за понатамошна перспектива. Членовите кои што ќе бидат избрани од Собранието на нивно место, мислам дека фелата на која ти се на челото на врвот на хиерархијата, ќе ги доживува како некои кои што на сила биле донесени и тоа не е добро. Авторитетот на членовите на СС во очите на судиите е многу значаен момент. Ако го немаат тој авторитет, тука се поставува прашање, оценува Малиновски.

Според адвокатот, политиката е претставена со пет членови во Судскиот совет.

-Настрана останатите 10, гледано низ години наназад, петте кои се како некој коректив во системот, обично се наметнуваат во СС како главни спроведувачи на некои политики. Со ретки исклучоци, претседателот на СС е од тие петмина што се од Собранието што значи на некој начин упатува на впечатокот дека политиката наспрема еснафот и судиите е доминантна бидејќи тука се препознава моќта во работата. Еве да се сетиме наназад, со исклучок на Киро Здравев кој што беше претседател на СС како судија од Врховниот суд, се останато е од редот избрани од Собрание што искрено испраќа порака дека власта претставена во Собранието ги влече сите конци понатаму, а сакаме да направиме деполитизација. Малку е тоа контрадикторно, смета Малиновски и додава дека не се сомнева во намерата на власта дека сака да воспостави ред, но прашањето дали е ова начинот.

-Државата има стратегија за реформа во правосудството 2024-2028. Зошто не се држиме до неа која сепак реферира и на препораки на ЕУ, Венецијанската комисија, ГРЕКО – сите релевантни фактори? Нивните препораки се инкорпорирани во таа стратегија. Зошто сакаме преку скратени патчиња да постигнеме некоја цел? Состојбите во правосудството мора да се решаат на систематски начин со стратегија и исполнување на акцискиот план. Се друго води кон хаос кој не ни е потребен во правосудството, заклучува соговорникот.

„Ќе им се случи народ, ќе излезе народ на улица и ќе протестира, народот е гладен и жеден за правда. Замислете имате кај граѓаните помала доверба од 2 или 3%, ве разрешуваат и вие не си заминувате, водите инает. Ќе им се случи народ, прв ќе застанам кој ќе го води народот, ветувам дека тоа ќе се случи“, истакна вчера премиерот Мицкоски за неговите најави. За тоа кој ќе ги замени, кажа дека ќе се разговара, но едно е сигурно дека нема да биде исто, нема да има вакви луѓе за кои има докази, затоа што како што рече, правда не може да има како сега со судии или обвинители или пак членови на Судски совет и Совет на јавни обвинители кои се од партиски штабови.

Со свој став по ваквите најави и поранешната пратеничка, Никица Корубин.  Вели дека Членот 104, кој во 2005 година е заменет со амандманот XXVIII и кој ја дефинира позицијата на судскиот совет во нашиот правен поредок е над секој сегашен или потенцијален иден преседан. Тој е над законодавната, извршната, а е и над судската власт, бидејќи секоја власт во уставната поставеност, работи согласно уставот, и последователно на соодветните закони.

Никица Корубин

-И во ситуација кога имаме флагрантно мешање на властите една во друга – извршната, која е избрана од страна на законодавната власт ја инструира законодавната власт таа да се меша во судската власт, со злоупотреба на инструментот на интерпелација – треба да реагира уставниот суд во заштита на уставноста. Експресно, каква што беше нивната реакција за најавената интерпелација од страна на политичка партија кон нив, кои истовремено ја премолчуваат интерпелацијата за нивните колеги од судскиот совет, со законско и уставно мешање во работата на независна уставна категорија, каква што е судскиот совет. И затоа прашањето е, која власт најавува преседан и протест против судската власт – извршната, законодавната или партиската, прашува политичката аналитичарка во изјава за „Локално“.

Според неа, темата за „подобност“ или „ваши“ и „наши“ судии е всушност прашање за индивидуалните позиции на избраните и именуваните функционери на сите нивоа во системот, каде партијата и нејзината волја се поставува над уставната поставеност.

-Ако еден судија го декларираме како „подобен“, тогаш таа дефиниција е применлива и за избраните пратеници, градоначалници, министри, именуваните директори. Па, кој е кредибилитетот и легитимитетот еден „подобен“ пратеник или „подобен” министер да говори за „подобноста” на судијата? И кој ја поставува мерката за „подобност“, партијата? Токму затоа претпоставената вина или одговорност е индивидуална категорија, каква што е и секоја позиција на избран или именуван функционер. И таа се докажува низ точно утврдена процедура. Се’ друго е сериозно нарушување на системот на закони согласно уставот и уставната поставеност, оценува соговорничката.

На прашањето дали вакво нешто се случувало во други земји-кандидати за членство во ЕУ и какви би биле реакциите на официјален Брисел, екс-пратеничката смета дека поборниците на концептот „ЕУ не нѝ треба, дома сами ќе се реформираме“, кои активно и интензивно ја блокираат Македонија кон ЕУ, од 2022 година и усвоената преговарачка рамка од страна на ЕУ – од сите сфери – треба сега да бидат најгласни и да кажат дали вака изгледа „реформирањето сами дома“?

-Контролните механизми на усогласување на нашиот правен систем со европската регулатива е незаменлив механизам за реформа на системот, за “подобноста”, за нефункционалноста, за корупцијата. Зошто тогаш, властите кои декларативно се борат против “подобните партиски” судии, наместо да ги подготвуваат и бранат интерпелациите, не ги подготвија уставните измени? Затоа што кога ќе се усвојат уставните измени од страна на законодавната власт на предлог на извршната власт – отварањето на првите поглавија од кластерот “фундаментални вредности” – во кои влегува и судството – по автоматизам ќе се отворат веднаш без дополнителна одлука на советот на ЕУ. И ќе започне вистинската реформа и на судството и на државата. Па, зошто тогаш властите на земја кандидат за ЕУ, не ја завршуваат обврската за уставните измени, како единствен сигурен пат кон реформа на судството, рече Корубин во својата анализа.

Н.П.

Слични содржини