Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска денеска порача дека „со нетрпение ја очекува проширената црна листа на САД со лица од земјава“.
Имињата што досега беа објавени ги сфаќам само како вовед во понатамошниот процес. Сепак главната домашна задача е на нас, нашите институции, лидери на сите можни начини да покажеме дека можеме и имаме капацитет да изградиме едно општество и институции кои успешно можат да се справат со било каков проблем, рече Грковска одговарајќи на новинарско прашање.
Функционерката истакна дека секоја помош во борбата против коурпцијата е добредојдена.
Помошта што ја добиваме од САД и другите меѓународни партнери е од големо значење и има големо влијание во успешноста во справувањето со корупцијата, кажа Грковска.
Ова следува откако синоќа „Ал Џезира“ објави дека САД подготвуваат нов список на непожелни лица од Западен Балкан. Според новинарот-дописник за регионалниот медиум, Ивица Пољиќ, на црната листа ќе се најдат 19 имиња на високи политички функционери, од сите земји од Западен Балкан, меѓу кои и од Македонија.
Тој истакна дека САД на ова работат пет години, во обид да откријат кои поединци ги попречуваат американските напори за воспоставување некаков ред на Западен Балкан.