Ќе се пушти техничка вода во градскиот водовод во Куманово

од Илинка Илиоска

Матноста на водата се намалува, водата постепено ќе се пушта во различни делови од градот, но само за техничка употреба, соопштија денеска од Општинскиот штаб за заштита и спасување Куманово.

-Согласно изложените информации за состојбата на водата која пристигнува преку водоснабдителниот систем до филтер станицата, матноста на водата се намалува поради што едногласно е одлучено дека треба да се пушти вода во водоснабдителниот систем на град Куманово, за техничка употреба. Заради хемиска обработка (хлорирање), истата ќе се пушта постепено. Напомена дека водата не треба да се консумира без термичка обработка (превривање), информираа од Штабот.

Ова, како што велат, се дел од заклучоците од одржаниот втор состанок.

-Водоснабдителните системи во висока зона (населба „Карпош“, дел од населба „Перо Чичо“ (Банево Трло) , „Ајдучка Чешма“, населба „Иго Тричковиќ“ (Пуковско), резервоар кај улицата „Бајрам Шабани“, село „Черкези“ и населба „Железничка Станица“, во моментов функционираат засебно и таа вода може да се користи непречено, велат од Штабот.

По појавата на обилни врнежи од дожд во тек на вчерашниот ден  и забележаното заматување на водата во водоснабдителниот систем, се  одржа втор  вонреден состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на кој присуствуваа претставници од Општина Куманово, ЈП Водовод, ЈП Чистота и зеленило, Агенција за храна и ветеринарство и Центарот за јавно здравје.

Слични содржини