Дали следната глобална финансиска криза ќе биде предизвикана од климатските промени? Или ќе дојде како резултат на пандемијата од коронавирусот?
Банката за меѓународни порамнувања (БИС) – швајцарска организација позната како „Банка на сите централни банки“ – објави анализа за иднината на глобалната финансиска состојба доколку климатските промени се „виновни“ за кризата.
Во извештајот, авторите го користат терминот „зелен лебед“ за да го опишат шокот на финансискиот систем предизвикан од настанот, поврзуван со климатските промени.
Тоа е посвета на теоријата на настани наречени „црн лебед“ осмислен од економистот Насим Николас Талеб во 2000-тите за да опише големи неочекувани настани – од откритија и технолошки достигнувања до финансиски кризи и големи терористички напади, како што е оној на 11 септември.
Терминот „црн лебед“ – што се однесува на античкиот мит дека лебедите од таа боја не постојат – стапи во широка употреба по глобалната финансиска криза во 2008 година.
„Зелените лебеди се настани поврзани со климатските промени со екстремно вознемирувачки потенцијал од финансиска гледна точка“, изјави Луис Переира Де Силва за Би-Би-Си, заменик-директор на БИС и коавтор на студијата.
Пет ризици
Переира Де Силва објасни дека во последните неколку децении, настани со екстремни временски услови, како што се шумски пожари во Австралија или урагани на Карибите, се зголемија во фреквенција и обем, што доведува до се поголема и поголема финансиска штета.
Оваа штета вклучува намалување на производството, ненадејни скокови на цените или физичко уништување на производствените центри и може да има директно влијание врз финансиското здравје на компаниите и финансиските институции.
Како резултат, масовните временски непогоди можат потенцијално да влијаат врз економскиот раст на една земја.
„Ако има каскаден ефект врз економијата, другите сектори исто така ќе претрпат загуби. Сето тоа може да заврши во финансиска криза, рече Переира Да Силва.
Постојат и други ризици што експертите ги нарекуваат „минливи“, кои исто така се многу опасни.
На пример, ова може да се случи кога има ненадејна промена во владините регулативи, како што е ненадејната забрана за вадење на фосилни горива.
Што можеме да сториме за да се заштитиме од „зелените лебеди“?
Точно е дека сè уште нема одговор на тоа прашање во финансиските кругови.
Во извештајот на БИС се предупредува дека сегашните модели на предвидливост не се дизајнирани да одговорат на заканите што ги предизвикуваат климатските промени.
Ова ги поттикнува експертите да развијат нови алатки за подобро проценување на ризиците поврзани со екстремните временски настани.
Но, економистите од БИС исто така предупредуваат дека доколку се случи финансиска криза слична на онаа што се случи во 2008 година, централните банки ќе имаат проблеми „да го спасат денот“.
Во тој случај, централните банки одиграа клучна улога во спречувањето на економската катастрофа со намалување на каматните стапки на историски ниско ниво.
Но, овие стапки остануваат ниски скоро една деценија подоцна, оставајќи малку простор за маневрирање за стимулирање на економијата и зајакнување на економскиот раст.
Од БИС исто така наведуваат дека сегашните регулативи, кои бараат од банките да чуваат големи количини на монетарни резерви во случај на голема криза, нема да бидат доволни за да ги ублажат ефектите на „зелениот лебед“.
Нов вид на ризик
Но, сето тоа отиде подалеку од една едноставна техничка дискусија.
Лери Финк, извршен директор на „БлекРок“, најголемиот светски фонд за управување со средства, во јануари предупреди дека климатските промени ќе создадат огромна разлика во финансискиот систем.
„Ние сме на работ на фундаментално преобликување на финансиите“, напиша Финк во годишното писмо до акционерите.
Тој тврди дека климатските промени станале одлучувачки фактор во долгорочните планови на компаниите.
„Климатските промени се скоро секогаш главното прашање што клиентите од целиот свет го поставуваат на „БлекРок“, напиша Финк.
„Од Европа до Австралија, од Јужна Америка до Кина, инвеститорите прашуваат како да ги модифицираат своите портфолија на инвестициите“.
И бидејќи „БлекРок“ управува со средства вредни околу 7 трилиони долари, кога неговиот директор нуди совети, луѓето го слушаат.
„Сум бил сведок на голем број кризи и финансиски предизвици: скоковите на инфлацијата од 1970-тите и раните 1980-ти, азиската монетарна криза од 1997 година, пукањето на меурот и глобалната финансиска криза“, додаде Финк.
„Дури и кога овие епизоди траеја многу години, тие беа краткотрајни во поширока смисла“.
„Климатските промени се различни“.
Дебатата за финансиските и економските последици од климатските промени зазема видно место на годинешниот Светски економски форум во Давос – годишната средба на глобалната политичка и финансиска елита.
Двајца гости меѓу оние со највисок профил беа американскиот претседател Доналд Трамп и шведската активистка Грета Тунберг, кои се на спротивни столбови кога станува збор за разговори за климатските промени.
И покрај предупредувањата на научниците и економистите, Трамп ја повтори својата позиција за време на својот говор, предупредувајќи за „дефетистички пророци“.
Тој активистите за борба против климатските промени ги нарече „предизвикувачи на паника“.
Координирање на акцијата
Како и Трамп, има и други лидери кои не ги признаваат климатските промени како глобална закана и кои ги отфрлаат предупредувањата.
Тој став, според извештајот на БИС, е вистински проблем.
„Само централните банки не можат да ги намалат климатските промени“, рече овој тим на економисти.
„Овој комплексен проблем бара координација на активности меѓу многу актери, вклучително и влади, приватниот сектор, граѓанското општество и меѓународната заедница“.