Климатските промени го намалија производството на мед

од desk2

Неповолните климатски услови се одразуваат на произведените количини мед и пчелни производи коишто во континуитет се намалуваат. Малите количини мед се главниот проблем за извоз на овој производ и покрај побарувачката и високите оценки за неговиот квалитет. Тоа се дел од оценките на производителите на мед присутни со штандови на 15. манифестација „Денови на македонскиот мед“, што традиционално се одржува на ул. „Македонија“ во Скопје.

Како што изјавија изложувачите, порано произведувале 30 килограми од кошница, а сега количината е значително намалена.

Имаат проблем со пласманот, затоа што, како што велат, не произведуваат големи количини. Ги продаваат во локалните места, а дел од нарачките ги доставуваат со карго. Дел од производителите на мед извезуваат во соседните земји.

Субвенциијата од државата по кошница мед сега изнесува 800 денари. Можности за подобар пласман производителите гледаат со здружување.

На штандовите на ул. „Македонија“ од денеска до недела можат да се вкусат и купат мед, прополис и производи од мед.

Организатор е пчеларското здружение „Матица “ од Скопје, а покровители се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Град Скопје и Општина Центар.

Манифестацијата се одржува под мотото „Козумирајте пчелни производи за убав ден и здрав живот“.

Според последните статистички податоци, во земјава се евидентирани над 4.135 пчелари и деловни субјекти кои одгледуваат 73.960 пчелни семејства или 2,8 кошници на квадратен километар, а годишно се произведуваат 688.000 килограми мед или околу девет килограмиг мед по кошница.

Македонскиот граѓанин троши само 0,5 килограми мед годишно во споредба со жителите на Словенија или Грција кои трошат 1,2, односно 1,6 килограми годишно по глава на жител.

Слични содржини