Коцевски: Верижните пропусти и незаконските дејствија на одговорните и службените лица резултираа со трагедијата во „Пулс“

од Љубиша Владимиров
47 прегледи

Основното јавно обвинителство Кочани отвори истражна постапка против 27 физички и три правни лица, под сомнение за соизвршителство на тешки дела против општата сигурност, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на денешната прес-конференција.

„Се работи за верижни пропусти и незаконити дејствија на одговорните и службените лица, кои довеле до тоа, при користење пиротехнички средства за време на настап на групата ДНК во клубот ‘Пулс’ во Кочани, да биде предизвикан пожар, во кој загинаа 59 лица,“ изјави Коцевски.

Според истрагата, во периодот од 2012 до 16 март 2025 година, осомничените не ги почитувале прописите за заштита, со што ја довеле во опасност безбедноста на граѓаните.

„Објектот бил наменет за лесна индустрија и не ги исполнувал законските услови за пренамена во угостителски објект. Сепак, осомничените во континуитет добивале нелегални лиценци и организирале угостителски услуги, иако знаеле дека клубот не ги исполнува основните безбедносни стандарди,“ нагласи обвинителот.

Како што посочи Коцевски, првоосомничениот, кој бил закупец и носител на работењето на клубот, во периодот од 13 февруари 2024 до 13 февруари 2025 година, наводно, му дал мито на службено лице во Министерството за економија за да добие нелегална лиценца.

„Поради ова, против вработениот во Министерството е поведена постапка за примање поткуп,“ додаде Коцевски.

Според обвинителството, меѓу осомничените е и сопственичка и управителка на правно лице од Кочани, која во 2010 година подготвила основен проект за угостителска дејност, иако знаела дека објектот не може да биде пренаменет.

„Овој незаконит проект, сопственикот од 2012 до 2023 година го користел за добивање на нелегални лиценци,“ истакна Коцевски.

Во врска со одговорноста на институциите, Коцевски потврди дека меѓу осомничените се и поранешен министер за економија, екс-државен секретар, раководител на сектор, раководител на одделение и помлад соработник.

„Доколку во текот на истрагата се обезбедат дополнителни докази, во постапката ќе бидат опфатени и други лица кои биле свесни дека нивното дејствување или недејствување може да доведе до катастрофални последици,“ заклучи Коцевски.

ОЈО Кочани продолжува со прибирање на докази и сослушување на сведоци, а јавноста ќе биде информирана за понатамошниот тек на истрагата.

Слични содржини