По трагичната несреќа во Кочани, каде што загинаа над 59 лица, денес во 13 часот во Градскиот парк ќе се одржи протест како израз на револт и барање одговорност од надлежните институции.
Организаторите на протестот преку социјалните мрежи истакнаа дека не можат да ги вратат загубените животи, но се должни да се борат за промени кои ќе обезбедат сигурност, праведност и функционални институции.
Граѓаните бараат: Прекин на партиските вработувања и воспоставување институции кои навистина функционираат. Полиција која ќе работи во интерес на граѓаните. Инспекциски служби кои ќе ги извршуваат своите обврски. Безбедни и чисти јавни простори. Контрола врз нелегалното ширење на угостителските објекти и узурпацијата на трговските простори. Почитување на забраната за фрлање отпад од други општини на локалната депонија.
Организаторите нагласуваат дека овој протест е во чест на загинатите, но и како повик за итна акција и одговорност. Јавноста очекува реакција од надлежните и конкретни мерки за подобрување на состојбата во градот.