Кочи Груби излета од патот, европскиот фронт ви издиша како пукнат балон, му порачаа утрово од ВМРО-ДПМНЕ на вицепремиерот и министер за политички систем, Артан Груби. Од најголемата опозициска партија посочуваат дека „Груби е малку нервозен кога бандитите од ДУИ се фатени на дело како прават упад во М-НАВ и тепаат вработени“.
-ДУИ мисли дека го поседува судството, и врши притисоци, а потврда за тоа стигнаа и од нашите меѓународни партнери. ДУИ е дувлото на криминалот и корупцијата, стои меѓу другото во обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ.
Вицепремиерот синоќа во гостување на дебатна емисија истакна дека ДУИ нема никаква врска со инцидентот во М-НАВ и дека никој не е над законот.
Прашан за тоа какви се плановите на партијата во врска со изборите, односно дали ќе учествуваат со СДСМ или сами, Груби рече дека за тоа се водат разговори меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и премеирот Димитар Ковачевски.
Според него, отворени се опциите и за заеднички фронт СДСМ-ДУИ-Алијанса за Албанците, но и ДУИ-Алијанса-ДПА и партиите на Аријанит Хоџа и Скендер Реџепи, а се разгледува и можноста ДУИ сама да излезе на изборите.
Прашан која е најблиската опција за ДУИ, Груби не даде конкретен одговор, велејќи дека најблиската можност е да победи европска коалиција во државава.