Кочоски за „Локално“: Ако минималецот во наредните две години не се зголеми на 700 евра, Македонија ќе остане без работна сила

Не треба секогаш да се дискутира околу потребата од зголемување на платите на годишно ниво, туку да се направи законски систем кој ќе ги обврзе сите работодавци вклучувајќи ја и Владата да мора да ги зболемуваат платите на годишно ниво во просек од минимум 70 отсто од искажаната инфлација, односно ако инфлацијата е 4 отсто, зголемувањето на платите мора да биде минимум за 2,5 отсто, изјави Кочоски

од Vladimir Zorba
46 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ Bankarstvo

Барањата на работниците за зголемување на минималецот се оправдани, а зголемувањето на платите е реална потреба, смета Зоран Кочоски, сопственик на Агенција за посредување при вработување во странство. Тој вели дека уште на почетокот на 2019 година го изнел својот став дека платите во Македонија треба да се зголемат и дека минималната плата треба да биде околу 700 евра.

-Ценам дека зголемувањето на платите во Македонија во многу ќе придонесе за намалување на потребата за заминување од државата на голем дел млади и способни работници. Растот на платите е процес кој е незибежен и во секој случај мора да ја следи реалната инфлација. Бидејќи работиме во повеќе држави во светот можам да го пренесам искуството што го имаме од повеќе држави. Според мене, не треба секогаш да се дискутира околу потребата од зголемување на платите на годишно ниво, туку да се направи законски систем кој ќе ги обврзе сите работодавци вклучувајќи ја и Владата да мора да ги зболемуваат платите на годишно ниво во просек од минимум 70 отсто од искажаната инфлација, односно ако инфлацијата е 4 отсто, зголемувањето на платите мора да биде минимум за 2,5 отсто, изјави Кочоски за „Локално“.

Во основа ова значи задржување и на реалниот стандард на работниците и без оглед на тоа дали работодавачите сакаат или не, платите мора да растат. Ако минималната плата во наредните две години не се зголеми на 700 евра, Македонија ќе остане без работна сила, додава Кочоски.

Зголемувањето на инфлацијата е уште еден податок кој говори во прилог на тоа дека платите треба да растат.

– Сите се соочуваме со потребата да имаме работна сила која ќе биде посветена, која ќе го даде својот придонес во напредување на компанијата. Ако работникот, борејќи се за одреден статус во општеството нема можност да напредува, сигурно дека нема да го даде својот максимум, вели Кочовски.

Според него, работодавачот е условен да дава поголема плата затоа што нема избор на работна сила во Македонија.

Б.С.