Грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас следната недела ќе се сретне со медијаторот Метју Нимиц. Средбата е закажана за 17 април и ќе се одржи надвор од Грција, веројатно во Брисел или Луксембург, каде Коѕиас ќе биде на работна посета идната недела.
Главната тема ќе бидат преговорите околу името, ќе се претстават грчките иницијативи, напредокот и ситуацијата и климата која владее околу спорот и двете држави, која во Грција не се оценува како особено поволна за решавање на спорот за името.
СДСМ и коалицијата одлучија да не ги повлечат членовите во ДИК, но нема да учествуваат на избори
Средбата доаѓа по неодамнешното интервју на Нимиц за грчката телевизија „Скај“ во кое посочи дека бегалската криза треба да биде поттик двете држави да работат кон побрзо наоѓање на решение за името, но и изрази разочараност дека постои застој во преговарачкиот процес поради бегалската криза и внатрешните прашања во двете држави. Од тогаш до сега работите се уште покритични поради политичката криза во Македонија, но и социјално-политичките проблеми со кои се соочува Грција и поради бегалската криза и поради преговорите со кредиторите околу нови мерки за штедење.
Коѕиас во наредните две недели ќе има дипломатски маратон и средби околу бегалската криза. Следната недела се очекува да се сретне со неговите колеги од Италија и Албанија за подобра координација околу бегалската криза.
На 21 и 22 април, пак, во Солун ќе се одржи мини Балканскиот самит со учество на Македонија, Албанија и Бугарија, а главна тема на разговор ќе биде бегалската криза и подоброто справување со неа. На самитот ќе учествуваат министрите за надворешни и за внатрешни работи на четирите држави, а планирани се три сесии, една во која ќе дискутираат само министрите за надворешни, една во која ќе разговараат само министрите за внатрешни работи и една заедничка сесија. Според информациите во Грција идејата е по овој Самит, доколку тој помине успешно да се организира во мај поголем регионален самит со покани до Србија, Австрија, Словачка и Хрватска.
