„Коха“: Објавата на Тачи на Твитер го блокира признавањето на Косово од Јамајка

од Aleksandar Petrovski
189 прегледи

Објавата преку социјалната мрежа Твитер на косовскиот претседател Хашим Тачи дека добил информација од амбасадорката на Косово во Соединетите Американски Држави Вљора Читаку за признавање на косовската независноста од страна на Јамајка, ја чинеше Република Косово блокирање на признавањето од таа држава, објавија медиумите на групацијата „Коха“.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, „Коха“ тврди дека имала увид во внатрешната комуникација меѓу Амбасадата во САД и косовските институции, во која Читаку им сугерира на властите во Приштина да не ја објавуваат информацијата пред да ја добијат вербалната нота од официјален Кингстон.

– За објавување е добро да ја чекаме вербалната нота, се вели во дописот од Вашингтон до кабинетот на Тачи и Министерството за надворешни работи.

Наспроти тоа, неколку часа подоцна косовскиот претседател се оглуши на барањето на Читаку и ја објави информацијата, што предизвика реакција на јамајканските власти.

– Како што се дознава, Србија веднаш по добивањето на информацијата дека постои можност од признавање, ѝ реагира на Јамајка и се потруди да влијае кај тамошните власти за запирање на процесот, пишува „Коха“

Следеше реакција од страна на министерката за надворешни работи на Јамајка Камина Ј. Смит, која денеска ја демантира вчерашната објава на Тачи и на својот Твитер напиша дека „до сега Јамајка ја нема признаено независноста на Косово“.

По демантот на Смит уследија бројни реакции во Косово, со барања за отповикување на Читаку и одговорност за тие кои објавија невистинита информација.

Министерот за надворешни работи на Косово Глаук Коњуфца, кој е еден многуте државни и политички лидери кои вчера изразија задоволство и благодарност до Јамајка за признавањето, денеска преку својата страница на Фејсбук порача дека, откако ќе биде внимателно разгледана ситуацијата, ќе бидат преземени соодветни мерки кон секого кој е одговорен.

Тачи, веднаш по објавата на Смит, одговорноста ја префрли на Читаку, од која, како што напиша на Фејсбук, ја добил информацијата. Подоцна, по манифестацијата во чест на косовскиот херој Шабан Полужа, одби да одговори на прашањата на новинарите во врска со настанот.

Слични содржини