Истражувањето што го прави Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (ЕК), алармира за сериозните последици од климатските промени, во комбинација со зголемувањето на населението, кои ќе предизвикаат зголемена конкуренција за распределбата на водните ресурси, регионална нестабилност и социјални немири.
Извештајот идентификува голем број „жаришта“ низ целиот свет во кои може да се развие таков случај. Не е изненадувачки, дека тоа се области во кои има проблеми со пристапот до свежа вода или каде водата се јавува како граница меѓу државите.
Овие точки ги вклучуваат реките Нил, Ганг-Брахмапутра, Инд, Тигар и Еуфрат, како и Колорадо.
Студијата е предводена од страна на Фабио Фариноси кој користи софтвер, кој моделира различни фактори кои би можеле да предизвикаат битки за вода за пиење. Алгоритмот се потпира на информации за 551 претходни случаи на такви конфликти.
Научниците сметаат дека веројатноста за започнување на „водни војни“ е помеѓу 75% и 95% во наредните 50 до 100 години.
Фариноси се надева дека ситуацијата може да се подобри, ако земјите од овие региони почнат да соработуваат во таа насока.
Екипата на Заедничкиот истражувачки центар подготвил индекс, како и модел за одредување на ризичните области, претежно кај африканските земји.
Објавените шеми покажуваат дека веројатните конфликтни зони во 2050 година ќе бидат областите на Централните и Источни сојузни држави во САД, земјите од Централна и Источна Европа, низ кои минува Дунав или кои граничат со реката, источна Кина, Јужна Индија, Централна Азија (Казахстан Узбекистан, Киргистан и Таџикистан), поголемиот дел од Африка и Јужна Америка.
Најмалку засегнати, колку и чудно да изгледа, ќе останат земјите од Арапскиот Полуостров, Северна Африка, Тибет, голем дел од Русија, Канада, Аљаска и Австралија.
Сепак трендот за намалување на водата за пиење ќе се појави и во други области во 2100 година, распространувајќи се речиси по целата копнена површина на планетата.