Иако се заразија повеќе од три милиони луѓе низ целиот свет, сè уште има 34 земји и територии кои не пријавиле ниту еден случај на новиот коронавирус.
Во нив влегуваат Комори, Лесото, Таџикистан, Туркменистан и малите оддалечени пацифички островски држави како Науру, Кирибати и Соломонските острови.
До 20 април, најмалку еден случај на „Ковид-19“ бил регистриран од 213 земји и територии од вкупно 247 признати од страна на Обединетите нации. Од нив, 186 имале локален пренос, каде вирусот се ширел во заедницата. Во најмалку 162 држави имало смртни случаи, пренесува Фена.
Сепак, фактот дека една држава не пријавила заразени случаи не значи дека немало, пренесува Ројтерс.
На пример, Северна Кореја нема пријавено ниту еден случај на коронавирусот, но се граничи со Кина, Русија и Јужна Кореја, кои имаат голем број на случаи, што значи дека вирусот може да влегол и во таа земја.
Без жртви
Може да се забележат некои трендови ако се земе предвид ширењето на вирусот по региони. Азија имала приближно два главни бранови на пренесување преку границата, додека во Европа многу земји започнале да известуваат за инфекциите во последната недела од крајот на февруари.
Се чини дека Латинска Америка и Африка се спасиле од коронавирусот во јануари и февруари, пред брзо да се прошири на двата континента во март.
Пет земји и територии успеале да се ослободат од вирусот откако објавиле случаи на инфекција, а тоа се Ангвила, Гренланд, карипските острови Сент Бартс и Сент Луција и Јемен.
Ниту една од овие земји не пријавила смртни случаи и немаат активни инфекции, а претходно заразените целосно закрепнале.