Џозеф Џо Бајден стана 46. претседател на Соединетите Американски држави. Тој го победи Доналд Трамп освојувајќи досега 273 изборни гласови, додека Трамп доби 213.
Некогаш најмладиот сенатор, денес стана најстариот претседател во историјата на САД.
Бајден е роден на 20 ноември 1942 година во градот Скрантон во Пенсилванија, како прво од четирите деца во католичко семејство со различно етничко потекло – бабите и дедовците имале англиска, француска и ирска крв, а таткото на неговата мајка бил член на државниот сенат во Пенсилванија.
Во текот на педесеттите години, тие морале да се преселат неколку пати поради деловни проблеми на неговиот татко. Во еден момент, ситуацијата била толку лоша што морале да бидат под ист покрив со нивната баба, на мајката на Џо. Потоа се преселиле во државата Делавер, прво во стан, а потоа во куќа во Вилмингтон, кога неговиот татко конечно успеал да најде стабилна и солидна работа во продажба на користени автомобили.
Како дете, страдал многу затоа што имал проблеми со астма, а исто така пелтечел се до детските денови. Тој успеал да го реши проблемот со неуморно рецитирање пред огледалото.
Го изградил својот успех благодарение на неговата интелигенција и напорна работа. Бајден исто така морал да работи за да може да оди на училиште, а студирал на Универзитетот во Делавер, каде што дипломирал на Катедрата за историја и политички науки, а докторирал на правен факултет на Универзитетот во Сиракуза во 1968 година. Иако беше обвинет за плагијат на својата докторска дисертација, тие информации беа избришани од неговото досие и тој беше примен во Адвокатската комора во Делавер.
Среде војната во Виетнам започна неговото прво влијание во политиката. Тој не сакаше да им се придружи на републиканците затоа што не го сакаше Никсон, а демократите затоа што „не се ослободиле од конзервативните расистички ставови“. Сепак, тој им се придружи на демократите кога тогашниот работодавач го стави на форум каде се дискутираа за начините на реформа и заживување на таа партија.
Веќе на крајот на 1969 година, тој стана демократски кандидат на изборите за поголемите области на Њукасл, на кои победи. Тој ќе остане на таа позиција две години, а потоа ќе ја постигне својата цел – да стане сенатор пред 30-тата година од животот.
Тој дојде на позицијата сенатор во Делавер без пари и медиумска поддршка. Кампањата ја водеше неговата сестра Валерија, додека остатокот од семејството дистрибуирало брошури од врата до врата. Кампањата се засновала на ветувања за застапување за поправедно оданочување, здравствена заштита и промени, за излез од Виетнам, граѓански права и зачувување на животната средина.
Првата трагедија
Само неколку недели по изборите во декември 1972 година, сопругата на Бајден, Нилија, за која се ожени во 1966 година и имаше три деца, загина во сообраќајна несреќа со нивната едногодишна ќерка Наоми Кристина. Кобниот ден, Нилија започнала да купува божиќни подароци кога трактор удрил во нивното возило. Синовите Бо и Роберт поминаа со полесни повреди.
Погоден од трагедијата, тој сакаше да се откаже од својата сенаторска позиција, но тие го убедија да не го стори тоа. Само дваесет дена по смртта на сопругата и ќерката, тој положи заклетва и стана шестиот најмлад сенатор во историјата на Америка. Иако многумина веруваа дека тој нема да го издржи притисокот и дека на крајот ќе поднесе оставка, Бајден не го стори тоа. Тој остана посветен на семејството, но и на работата во Сенатот и секој ден патувал со часови од Вилмингтон до Вашингтон за да стигне на работа. Единствениот ден во годината кога тој не работи е сè уште 18 декември, денот кога починаа неговата сопруга и ќерката.
Нова љубов и неуспешна кампања
Растргнат помеѓу работата и одгледувањето на два сина, Бајден го стави својот љубовен живот „во мирување“. Сепак, неговиот брат му договори „состанок на слепо“ и така во 1975 година, Џо ја запозна Џил Трејси Џејкобс, со која се ожени две години подоцна и ја доби ќерката Ешли Блејзер.
Неговиот професионален развој започна да биде се повеќе и повеќе под будното око на медиумите. Списанието „Тајм“ го карактеризираше како компулсивно амбициозен, предвидувајќи му светла иднина. Неговата кариера беше обележана со конфликти со администрацијата на Реган, а во 1987 година тој реши да отиде чекор подалеку и ја објави својата кандидатура за претседателска номинација на Демократите.
Кампањата започна решително, а потоа доживеа целосен колапс поради лошите односи во неговиот тим, како и фактот дека некој ископал информации за плагијат во Сиракуза. Тој исто така беше обвинет за плагијат на говорот на Нил Кинок (лидер на британската Лабуристичка партија), со употреба на неговите фрази во говорот и за промена на детали од семејната историја за да ги направи идентични со приказната на Кинок. Иако Бајден ги расплака слушателите за време на говорот, подоцна се покажа дека украл многу реченици од Кинок, дури и без никаде да го спомнува …
Тој не можеше да ја преживее оваа криза и реши да се повлече од трката … Сепак, Комитетот за професионална одговорност на Врховниот суд во Делавер го ослободи Бајден од сите обвиненија за плагијат.
Борба за живот
Повлекувањето од претседателската трка не беше единствената мака за Бајден. Наскоро наиде на сериозни здравствени проблеми, поради што мораше да се повлече од политичките води половина година. Главоболките и болките во вратот кои ги чувствуваше за време на кампањата се покажаа како резултат на аневризма. Тој беше опериран неколку пати и неговиот живот буквално висеше на конец.
Опоравување, понатамошни подеми и падови
По долго закрепнување, тој се врати на работа. Во 90-тите, тој играше клучна улога во пишувањето на бројни закони, вклучувајќи го и Законот за насилство врз жените, кој, според Бајден, е неговото најзначајно достигнување во повеќе од три децении што ги помина во Сенатот.
Ќе остане запаметен и како верен сојузник на Бил Клинтон, против чие отповикување гласаше. Тој исто така беше активен за време на војните во Хрватска, Босна и Косово. Тој силно го поддржа мешањето на НАТО во конфликтите во Југославија. Дури и во раната фаза на балканските конфликти, Бајден беше поддржувач на активната и, доколку е потребно, агресивна надворешна политика на САД на Балканот. Тој беше првиот кој го нарече Слободан Милошевиќ воен злосторник. Тој се залагаше за укинување на санкциите за увоз на оружје на српските противници и одржување на воена обука за босанските муслимани. Неговото влијание врз Клинтон и неговата посветеност на воената опција беа одлучувачки за воениот ангажман на НАТО во воздушните операции на Балканот.
Поголемиот дел од годините ги помина во историјата на Делавер како сенатор. Тој повторно влезе во претседателската трка во 2007 година, но остана во сенка на Хилари Клинтон и Барак Обама. Тој се повлече од трката во јануари 2008 година.
Нескромниот муабетџија стана десна рака на Обама
И покрај неуспесите во кампањата, Бајден отсекогаш бил познат како одличен учесник во секоја дебата. Многумина го опишаа како самоуверен муабетџија „кој знае како да продава стока“, алудирајќи на неговото скромно потекло од трговско семејство.
Токму однесувањето на Бајден му одеше на нерви на Барак Обама, но во одреден момент сфати дека може многу да научи од него, па реши да го избере за свој потпретседател, што, како што многумина веруваат, му донесе победа на Обама на претседателските избори. За време на осумте години од неговото претседателствување, Бајден направи многу, па затоа денес сите велат дека Обама направил мудар потег на време прифаќајќи го Џо во неговиот тим.
Неговата способност да преговара со републиканците во Конгресот помогна да се донесат закони како што се Законот за даночно олеснување, повторно овластување за осигурување од невработеност и создавање работни места од 2010 година, со што се реши даночниот ќор-сокак и Законот за контрола на буџетот во 2011 година, со кој се реши кризата што настана таа година поради достигнување на максимално дозволено задолжување на Соединетите Американски држави …
Нов удар во животот
И додека Бајден нижеше успеси како потпретседател, зад сцената, Џо беше измачуван од големи семејни проблеми. Неговиот најстар син Бо се разболе од рак и по тешка битка почина на 46-годишна возраст. Оваа трагедија го натера Бајден да одлучи да не учествува на следните претседателски избори затоа што, како што рече, не е подготвен да даде 110 проценти од себе и се чувствува емоционално исцрпен.
Малкумина очекуваа да се осмелат да влезат во претседателската трка на изборите во 2020 година, имајќи ја предвид неговата возраст (78), но тој сепак загриза и влезе во бројни жестоки судири со Трамп.
Сепак, оваа кампања беше единствена бидејќи беше значително попречена од пандемијата на коронавирусот. Дури и дебатите, по кои е познат Бајден, не „заблескаа“ на оваа трка.
Она што сигурно го чека новиот претседател се големи предизвици и тој ќе мора да носи многу проблеми на своите плеќи и да се справува со бројни прашања што се однесуваат на, пред сè, коронавирусот, а потоа и на надворешната политика, климатските промени …
Бајден веднаш ќе мора да претстави национален план за борба против вирусот, но и да преземе чекори за да ја извлече земјата од кризата во која падна поради пандемијата …
Од сиромашен до милионер
Без разлика дали успеа или не да ја извлече Америка од финансиската криза, едно е сигурно, Бајден си обезбеди финансиски средства. Човекот кој со децении беше познат како „сенатор од средната класа“, а своевремено и втор најсиромашен сенатор во САД, успеа да си обезбеди милиони за себе.
Според последните проценки, Бајден, кој заработуваше околу 225.000 долари годишно за време на неговиот потпретседателски мандат, сега е „тежок“ околу 9 милиони долари. Американските медиуми пишуваат дека тој има околу 4 милиони долари само недвижен имот, затоа што тој и неговата сопруга Џил поседуваат две куќи во Делавер, а имаат инвестиции вредни барем исто толку, како и федерална пензија од милион долари.
Сега Бајден ќе заработува околу 400.000 долари годишно, а Џил рече дека ќе продолжи да работи.