Кој е новиот министер за одбрана на Украина: Учествувал во чувствителни преговори со Русија

од Stefanija Kuzmanovska
362 прегледи

Рустем Умеров (41), кој треба да стане нов министер за одбрана на Украина, е водечки член на заедницата на кримските Татари кој ја претставуваше својата земја во чувствителните преговори со Русија.

Умеров е роден во Советски Узбекистан, земјата во која неговото семејство било протерано во времето на Сталин, a се вратил на Крим, Украина, како дете кога на Татарите им било дозволено да се вратат во 1980-тите и 1990-тите.

41-годишниот муслиман започнал да работи во телекомуникациите во 2004 година и беше избран во парламентот во 2019 година. Таму, тој беше копретседавач со Кримската платформа, меѓународен дипломатски напор чија цел беше да се смени руската анексија на полуостровот во 2014 година.

Со години работел како советник на историскиот водач на кримските Татари Мустафа Џемилев, пишува „Гардијан“.

Русија го анектира Крим во 2014 година и протурка референдум за анексијата што Украина и нејзините западни сојузници ја осудија како нелегитимна.

Татарската заедница, која сочинуваше 12-15 отсто од двомилионското население на Крим, главно го бојкотираше гласањето.

Москва потоа го забрани Меџлисот – традиционалното собрание на татарското муслиманско малцинство – прогласувајќи го за екстремистичка организација и оттогаш ги затвора членовите на заедницата, повикувајќи се на безбедносни причини.

„Руските пропагандисти измислија наратив за поделбата на украинската нација на етнички групи за да ги оправдаат нивните воени дејствија на територијата на нашата земја“, изјави Умеров за јорданскиот сајт АманНет во интервју минатата година.

 

„Не чувствуваме никаков шовинизам или исламофобија (во Украина) во однос на нашата етничка припадност или религија“, додаде тој.

И по анексијата и по почетокот на целосната руска инвазија, Умеров учествуваше во разговори зад затворени врати со руски официјални претставници, вклучително и преговори за размена на затвореници од висок профил и евакуација на цивили.

Тој беше дел од украинската делегација на преговорите со Русија во првите недели од војната и учествуваше во разговорите за формирање на извозен коридор за украинско жито преку Црното Море.

Оттогаш Русија се повлече од договорот за жито, обвинувајќи ја Украина и нејзините сојузници дека не почитуваат дел од договорот што би го олеснил рускиот извоз.

Во септември минатата година тој беше назначен за шеф на Фондот за државна сопственост – особено тешка улога во Украина, каде што процесот на приватизација е погоден од корупција.

Во својата видео изјава со која ја најавува смената на Алексеј Резников во недела, претседателот Володимир Зеленски рече дека пратениците ќе бидат поканети да гласаат за номинацијата на Умеров оваа недела.

„Собранието добро ја познава оваа личност и на господинот Умеров не му е потребно дополнително претставување“, рече тој.

Слични содржини