Кој е посилен во борбата против терористите – полицијата или војската?

од desk3
72 прегледи

 

Ал Џезира Балкан – Сараево

Таму каде постојат премногу полицајци, не постои слобода. Таму каде постојат премногу војници не постои мир, се зборови на кинескиот поет Лин Јутанга, а рамнотежата меѓу тие две нешта не е лесно да се најде, посебно кога се работи за мисии внатре во некоја земја.

Така сега европските држави како Германија и Австријам, размислуваат за користење на војниците во мисии внатре во државите, а се со цел за поефикасна борба против тероризмот.

Во Франција и Белгија по нападите, војниците на улиците веќе се дел од секојдневието, а прашањето кое се поставува е дали тие подобро можат да одговорат на задачите кои се однесуваат на борбата против тероризмот.

640

Еден поранешен командант на специјалната единица „Кобра” во Австрија, Волфганг Бечлер за Ал Џезира вели дека во иднина војската нема да биде таа која ќе го води главниот збор во борбата против новите форми на тероризмот.

„Мислам дека повеќе средства ќе се инвестираат во полицијата. Притоа мислам на техничките и кадровските ресурси, но и дополнителните одлуки. Но, мислам дека краткорочните делови на војската ќе се користат за да се поддржи полицијата, која моментално нема можност, покрај останатите обврски кои ги има, целосно да се посвети на борбата против тероризмот” – смета тој.

Полицијата има недостиг од кадар и техника

Министерот за одбрана на Австрија Ханс Петер Доскозил, поради закани од напади, има намера да ја зајакне елитната единица на австриската војска. Специјалната единица треба да добие поголем број на припадници и дополнителна опрема, а Доскозил најави дека во опремата ќе се инвестираат 35 милиони евра. Тој верува дека борбата против тероризмот ќе стане се повеќе задача на војската.

Поранешниот командант на специјалците Бечлер смета дека борбата против тероризмот во секоја земја се одвива поинаку и дека секоја има свој концепт.

„Тоа не зависи поединечно од полицајците и војниците во некоја земја, секој има свој начин” – заклучува тој.
Улрих Куен од Институтот за студии по безбедност на Универзитетот во Хамбург се надева дека во иднина таквите мисии на војниците во неговата земја ќе станат стварност. Тој тврди дека на полицијата и недостасува кадар и технички средства.

„Додека од една страна, се зголемуваат инвестициите во одбраната во Германија, на пример поради закана од Русија, германските региони штедат на полициската опрема. Така полицијата нема доволно хеликоптери веднаш да реагира во случај на напад” – истакна Куен.

Во Германија употребата на вооружените војници за внатрешните мисии е многу ретка и дозволена е само во екстремни случаи. Куен смета дека примерите на Франција и Белгија, каде војниците се користат во разни ситуации на улиците, покажале дека присуството на војската не мора да значи дека постои помала опасност од напади.

„Токму состојбите во тие земји покажуваат, дека кога се работи за муслиманите, поважна од било што друго е добрата интеграција. Тука Германија мора да научи од грешките од другите и на пример да овозможи образование на германските имами на универзитетите” – вели тој. Тој смета дека во случај на употреба на војската внатре во земјата, постои опасност владата да може да почне да размислува за тоа дека безбедносните проблеми можат да се решат само со војската. „Политичките инструменти се многу повеќе ветувачки од воената логија. А историјата на Германија покажа дека постојат работи кои зборуваат против мешањето на војниците и цивилите. Затоа треба повеќе да се инвестира во полицијата и во правните институции” – смета Куен.

Експертите од Институтот за безбедносна политика на Универзитетот Кристиан Албрехтс во Келн, Флориан Ватзел и Робин Шројдер за Ал Џезира тврдат дека во Германија мора да се разликува праќањето на војниците во внатрешни мисии со оружје и без него. Како пример на мисија за невооружени војници внатре во земјата ја наведуваат употребата на санитарните сили, или ABC одбранбените сили, кои служат на мисии кои се однесуваат на атомската, биолошката и хемиската индустрија,

„Војниците единствено смеат да помогнат внатре во земјата кога полицијата е преоптоварена. Употребата на војската внатре во земјата во овој момент е погрешно, иако стравот од напади е зголемен. Христијанско-демократската унија и Христијанско-социјалната унија сакаат тие правила да бидат омекнати. За тоа потребно е политичко мнозинство” – истакнуваат тие.

Лоши „помошници полицајци”

Тие наведуваат дека постојат неколку причини зошто војската не треба да се користи во внатрешни мисии.

„Полицијата работи според строги правила. Обуката за полицајци трае три години, не без причини. Затоа може да се каже дека Германија во меѓународните рамки има одлични полициски сили, кои се грижат за внатрешната безбедност. Војниците ја немаат таа обука. Војската ја нема власта која ја има полицијата и не смеат, на пример да ги апсат луѓето и да им вршат контроли” – велат експертите од Универзитетот во Келн.

Објаснуваат дека работата на полицијата е во надлежност на германските региони, а кога би дошло до употреба на војниците внатре во земјата, би постоела можност тие да се искористат за да се намалат трошоците на своите полицајци. Така, велат тие, во случај на напади добрите полицајци би биле заменети со лоши „помошници полицајци”. Сметаат дека германската војска моментално е преоптоварена поради мисиите надвор од земјата.

„Дури и кога војската е искористена во бегалската криза, постоеја страни кои го критикуваа тоа” – тврдат експертите.

Ветзел и Шредер наведуваат дека кога полициските сили во некој регион се преоптоварени властите можат да побараат таму да се пратат полицајци од други региони. Во Германија секој регион има специјална полициска единица, која се користи во заложнички кризи и во борба против тероризмот.

Полициската единица која е задолжена за борба против терирозмот на ниво на држава е GSG9, а од минатата година постои и т.н. BFE+ единицата. Тие единици, тврдат експертите од Келн, се основани по нападите на редакцијата на сатиричниот магазин Шарли Ебдо во Франција. „Тие единици посебно брзо реагираат во екстремни случаи и можат секогаш да помогнат на GSG9 и на полициите на други земји. Така германската полиција има што да понуди кога се во прашање напади” – велат тие.

Напад на повеќе места истовремено

Тие сметаат дека употребата на војската внатре во земјата би била корисна само кога би се случил напад на повеќе места истовремено. Но и тука, тврдат тие, се поставува прашањето дали војската би реагирала побрзо од полицијата. Велат дека се поставува и прашањето дали војниците во таква „урбана” средина можат брзо да реагираат.

„Таа способност ја има само единицата Feldjaeger, германска воена полиција. Обичните војници во најдобар случај би можеле да се искористат за обезбедување на големи подрачја, а не да разоружуваат и онеспособуваат напаѓачи. Точно е дека во некои региони сега помалку се издвојува за полицијата и дека поради тоа има недостиг на кадри и технички средства и тоа е основна причина што се покрена оваа дебата. Но, сега, кога се закануваат напади во Германија, најавено е дека ќе бидат вработени повеќе луѓе. Истовремено е најавено дека повеќе ќе се инвестира во оружје и во опрема за заштита. Но, со оглед на тоа дека обуката на полицајците трае долго, ќе треба уште време полицијата да биде толку силна колку што сакаме” – велат Ветзел и Шредер.

Кристина Екхорст, експерт за безбедност на Фондацијата „Конрад Аденауер” во Берлин, како пример за интервенција на војската внатре во Германија ги наведе поплавите кои ја погодија таа земја. Вели дека и сега се работи за вонредна состојба, кога во прашање се напади. Тврди дека таа одлука ја донел Уставниот суд на Германија.

„Во последните четири години заканите од нападите се зголемија, но тоа не значи дека употребата на војската во внатрешноста претставува замена за полицијата” – истакна Екхорст. /MИА