Кој е виновен за вчерашното невреме кое го зафати Скопје?

од Берта Китинска
230 прегледи

Вчерашното невреме кое го зафати Скопје поплави улици, станови, трговски центри. За СДСМ локалните самоуправи предводени од ВМРО-ДПМНЕ е виновна за поплавата, додека опозицијата обвинува дека владата седела со скрстени раце додека Скопје се поплавуваше.

Локалните самоуправи предводени од ВМРО-ДПМНЕ и директорите на јавните претпријатија потфрлија при невремето што вчера попладне го зафати Скопје и околината, вели СДСМ.

-Скопје беше поплавено, улици, булевари, подвозници под вода, паднати дрва и гранки, попречен и отежнат сообраќај, а локалната власт предоведена од ВМРО-ДПМНЕ никаде ја немаше.Над 10.000 домови се поплавени а ЈП водовод не презеде ништо. Очигледно ниту каналите, ниту шахтите не се проверени навреме и не се исчистени соодветно.Кризен штаб треба да се формира навреме, да биде подготвен за различни ситуации пред невремето, посочуваат од партијата.

Оттаму додаваат дека јавните претпријатија треба да ги исчисти и да ги проверат каналите, шахтите, атмосферската канализација и дека за хаосот во сообраќајот, скопјани не биле информирани од Центарот за управување и контрола на сообраќајот.

-ЈСП Скопје не ги информираше граѓаните за одложените линии, за можностите, ниту ги насочуваше.На терен беше само полицијата и институциите од централната власт а локалната власт никаде ги немаше.Со еден збор, целосно потфрлање на кадрите на Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои се локална власт во Скопје, се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека нивните градоначалници сами без асистенција ги санирале штетите од поплавите.

-Со системот за растурање на облаци, владата седи со скрстени раце додека Скопје се поплави, каде е системот со кој се фалеше? Димитар Ковачевски и институциите под владата не направија ништо за да помагаат во справување со последиците од невремето во Скопје. Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ сами без асистенција од централната власт ги санираа штетите од поплавите, недостасуваше реакција од страна на Владата. Скандалот е уште поголем бидејќи Владата преку УХРМ трета година по ред распишува тендер за набавка на систем за справување од непогоди, попознат во јавноста како систем за растурање на облаци. За кој годишно се плаќа 1 милион евра, а од кој немаме никаков ефект, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ побара одговорност од институциите, Владата, УХРМ и другите надлежни во овој домен кои можеле, а не преземале ништо со цел ублажување на последиците.

-Димитар Ковачевски како да не е премиер и како да не живее во државата. Скопје се соочи со огромна временска непогода, а тој не се ни потруди да помогне. Да не беше навремената реакција од страна на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ последиците ќе беа катастрофално лоши. Најлошото е спречено. Но народот мора да се обештети за штетите кои ги претрпе. Ја повикуваме Владата да формира тело кое ќе работи на процена на штетите на домовите и деловните објекти и ќе изврши најбрзо можно обештетување. А, веднаш потоа да има одговорност за сите во ланецот одговорни во институциите на чело со Ковачевски, велат од партијата.

180 пријави

По обилните врнежи од дожд и силниот ветар кои вчера попладне го зафатија Скопје на телефонскиот број 195 и преку бројот за итни повици 112 беа примени околу 180 пријави. Од нив, за поплавени простории од објекти – 80, за паднати дрва – 40, за оштетени возила и поплавени улици и подвозници – по 20, оштетени кровни конструкции – 15, скинати проводници, навалени бандери и други проблеми со струја – пет.

Како што информираат од Центарот за управување со кризи – ЦУК, сите овие пријави и проблеми за нивно решавање редоследно по приоритет биле проследени до: Бригадата за противпожарна заштита БППЗ, Градот Скопје, општините и јавните претпријатија во Градот.

БППЗ на Град Скопје после невремето со нивни екипи интервенирале во десетина случаи за испумпување на навлезена вода од објекти и критичните места.

– На скопските сообраќајници од ЈП „Водовод и канализација“ известуваат дека вечерта и ноќта со цистерни и вакум цистерни работеа на исцрпување на насобраната вода и на одзатнување на атмосферската канализација на критичните места (подвозници и главни сообраќајници) и исто така по пријави на граѓани на уште 40-тина други места. Утрово состојбата е нормализирана, наведуваат од ЦУК.

Оттаму додаваат дека од ЕВН известуваат дека дефектите во страна, дефектите во електро системот настанати од атмосферските празнења и силниот ветер во повеќе реони од градот и околината во текот на ноќта се отстранети освен кон селата Дворце и Радуша во Општината Сарај каде жителите се уште се без електрична енергија.

– Според известувањето од Сообраќајната полиција како и ЈСП Скопје од околу полноќ состојбата на сите сообраќајници е нормализирана и утрово сообраќајот и јавниот градски превоз се одвивива нормално, посочуваат од ЦУК.

Слични содржини