Кој го држи чкрапалото на Блискиот исток: „Намерно потпалување на огнот за да продолжи меѓународниот натпревар на поддршка за Израел или Палестина“

од Nikola Popovski
336 прегледи

ООН повикуваат на максимална воздржаност на Блискиот Исток по нападот од Иран врз Израел. Мора да се избегне регионална ескалација, порака и од состанокот на Г-7. „Од витално значење е да се избегне каква било акција што може да доведе до воени конфронтации на повеќе фронтови на Блискиот Исток. Цивилите веќе го носат најголемиот товар и плаќаат највисока цена. Имаме заедничка одговорност да спречиме понатамошна ескалација“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.

Од израелските одбранбени сили велат дека одобриле оперативни планови и за офанзива и за одбрана. Од друга страна, израелскиот претседател Херцог изјави дека Тел Авив не сака војна во регионот. „Војната е последното нешто што Израел го сака во регионот, ние сакаме мир. Нормално, ние секогаш ги слушаме нашите партнери и сојузници. Го почитуваме нивниот став. Ќе преземеме сè што е потребно за да го заштитиме и одбраниме нашиот народ“, изјави Исак Херцог, претседател на Израел.

Американската војска соопшти дека уништила 80 дронови и шест проектили лансирани од Иран и Јемен во текот на викендот. Вашингтон јасно стави до знаење дека нема да учествуваат во каква било офанзивна акција против Техеран.

Што понатаму за Блискиот исток и светот? 

Првпат гледаме директен напад, иако во некоја суптилна и асиметрична форма, такви напади се случуваат некое време, вели во разговор за „Локално“, професорот по безбедност и поранешен директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Александар Нацев.

проф. Александар Нацев

Според него, особено по нападот на Израел врз појасот Газа, работите се искомплицираа и сега гледаме дирекно вмешување на земји кои географски не се од тој регион.

-Доколку се работеше за Јордан, Либија, Срибија, сигурно работите ќе звучеа по незаканувачки, но кога има вклучување на Иран, треба да се вклучи алармот и треба да видиме одлуките од Советот за безбедност на ОН на која страна ќе натежнат. Мислам дека во моментов Израел ја мери својата меѓународна поддршка. Видовме само една изјава на американскиот претседател Џо Бајден и ги видовме реакциите на земјите-членки на ЕУ. Израел го има вклучено својот барометар за да види колку остро и цврство да одговори на оваа провокација од Иран. И самите изјави од нивните претставници се дека ова нема да остане така неказнето, но мораме да почекаме да го видиме интензитетот на тој одговор. Интензитетот на одговорот ќе биде во директна корелација со меѓународната поддршка која што ќе ја добие Израел, истакнува Нацев.

Повеќето ирански дронови беше уништени од израелската противвоздушна одбрана, но Техеран тврди дека ја остварил својата цел, а тоа е гранатирање на воените бази. За професорот, одговорот можеме да го бараме во разузнавачките активности на двете држави бидејќи секогаш сакаат да знаат со што располага противникот.

-Знаеме дека Израел има масовна разузнавачка служба и присуство во своите земји-противници, но исто така и Иран е масовно ангажиран во следење на новите технолошки достигнувања во Израел. Веројатно израелскиот ракетен штит и израелските противвоздушни сили собориле голем број од иранските ракети и дронови, но видовме дека имаше и снимки од успешно погодени цели. Сега е борба на наративи и пропаганда колку штета, кој погоди, а кој промаши…, тврди соговорникот.

Околу тоа дали постои простор за иранско-американски судир и катастрофални последици по светот, Нацев е дециден дека се уште не сме дојдени до тоа ниво.

-Нормално е кога влегувате во еден конфликт, да настапувате со офанзиви и наративи за потоа да има простор за деескалација. Моментот кога ова се случува е многу интересен – кога голем дел од меѓународната заедница ќе почнат да организираат хуманитарни акции за Палестина и дури и настани за поддршка на Палестинците. Можеби ова е намерно потпалување на огнот и може ова беше потребно за да продолжи меѓународниот натпревар на поддршка за Израел или Палестина. Во моментов не може да се очекува ескалација или евентуално иранско-американски судир, анализира професорот по безбедност.

Иранските власти велат дека нападот минал и подобро од очекуваното. Му се заканија на Вашингтон со напади врз американски бази, доколку ја поддржат евентуалната одмазда на Израел по настаните пред две вечери. Иран изведе напад врз Израел како одговор на гранатирањето на иранската конзуларна зграда во Сирија кога загинаа двајца ирански генерали, за што директно го обвинува Тел Авив. Израел соопшти дека спречиле 99 насто од околу 300 напади со беспилотни летала и проектили истрелани кон нивна територија.

Н.П.

Слични содржини