Кој прв во карантин: Европските земји ги заоструваат мерките

од Vladimir Zorba

Вкупниот број на заразени со коронавирус во светот надмина 30 милиони. Израел повторно прогласува карантин, додека Франција и Велика Британија воведуваат нови ограничувачки мерки.

Велика Британија и Франција најавија нови ограничувања бидејќи бројот на нови инфекции во двете земји продолжува да расте прогресивно.

На северо-истокот на Англија, околу два милиони луѓе нема да можат да се соберат или да се сретнат надвор од куќата до ново известување, додека работното време на баровите и рестораните ќе биде скратено. Новите мерки значат и дека е дозволен собир до шест лица.

Франција сега е во фаза во која дневно бележи повеќе од 10.000 нови случаи, а по воведувањето на ограничувањата оваа недела во Марсеј и Бордо, Лион и Ница се подготвуваат за враќање на мерките.

Регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуж, посочи дека рекордните скокови на нови инфекции низ континентот треба да „служат како повик за будење“ и додаде дека иако драстичното зголемување на новите инфекции е делумно резултат на посеопфатно тестирање, тоа секако укажува на загрижувачка стапка на пренос во Европа.

Најмалку 943 000 луѓе починале од Ковид-19 во светот досега.

Најпогодени земји во светот се уште се САД со најмалку 6.650.570 заразени и најмалку 197.364 мртви, следени од Индија со повеќе од пет милиони инфицирани и најмалку 83.000 смртни случаи, и Бразил со околу 4,5 милиони заразени и повеќе од 134.106 починати, според Универзитетот „Џонс Хопкинс“.

Франција и Шпанија сега бележат поголем дневен раст отколку за време на врвот во првиот бран минатата пролет.

Италија

Бидејќи бројот на новозаболени лица повторно расте во Италија, властите пропишаа затворање на сите клубови и сали за танцување, а задолжително е да се носат маски на сите места од 18 до 6 часот наутро.

Децата се вратија на училиште по шестмесечна пауза, иако училиштата во некои области предупредуваа дека не се подготвени за отворање.

Данска

Данска беше една од првите европски земји што ги отвори училиштата во април, но бројот на заразени започна нагло да се зголемува кон крајот на август.

Во Копенхаген и околните области каде што се забележува раст, баровите, рестораните и ноќните клубови се отворени до десет часот навечер.

Чешка

Оваа земја регистрираше 3.130 заразени лица за 24 часа на 17 септември – колку што регистрираше за целиот март. Ова беше трет дневен рекорд и така Чешка се позиционираше како втора европска земја според дневниот раст на заразени на 100.000 жители, веднаш зад Шпанија.

Обединето Кралство

Бројот на хоспитализирани пациенти се удвојува на секои осум дена во Велика Британија, а ширењето на вирусот продолжува да се забрзува. Постојат шпекулации за воведување вонредна состојба и карантин на национално ниво, иако британскиот министер за здравство не сака да открие какви мерки – доколку ги има – ќе се применуваат во остатокот од земјата, бидејќи тие веќе се воведени на северо-исток.

Шпанија

Официјални лица во Мадрид рекоа дека секој петти болнички кревет е окупиран од пациент со Ковид, а градските власти ја повикаа централната влада да реагира брзо и одлучно. Наскоро се очекува да бидат објавени нови мерки.

По привременото олеснување, ситуацијата е дополнително комплицирана во остатокот од светот, а првата земја што повторно прогласи карантин на национално ниво е Израел.

Оваа земја со месеци бележи прогресивен раст на заразени лица на дневна основа, а од денес е во вториот карантин од почетокот на пандемијата.

Стотици Израелци излегоа на улиците пред да стапи на сила карантинот во знак на протест против воведувањето на новите мерки, но премиерот Бенјамин Нетанјаху предупреди дека „нема друг избор“ освен да воведат уште построги ограничувања.

Сегашниот биланс во Израел е – повеќе од 172.000 заразени и најмалку 1.163 мртви.

Слични содржини