СДСМ го поздравува тоа што претседателот Пендаровски цврсто стои зад политиките кои значат европски вредности дома, го јакнат стратешкото партнерство со САД и водат до полноправно членство во ЕУ. Претседателот го потенцираше значењето на почетокот на преговорите со ЕУ. Пратениците од СДСМ и парламентарното мнозинство се особено горди што беа дел од овој процес, рече денеска пратеничката на СДСМ, Даниела Колева од Собранието за денешното годишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски во Собранието.
Таа упати порака и до двете најголеми опозициски партии.
-За разлика од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои хистерично ширеа лаги и невистини за наводна асимилација и бугаризација кои паднаа во вода. За опасноста од популизмот, дезинформациите и лажниот патриотизам предупредува и СДСМ веќе подолг период. Потпалувачките политики на Левица која ја има земено во заложништво ВМРО-ДПМНЕ се сериозна закана, рече Колева.
Според неа, одговорност на сите пратеници е да се направи и последниот исчекор, а тоа е спроведување на уставните измени.
-Не смееме да дозволиме самите да се блокираме туку целосно да го заокружиме процесот до полноправно членство на Унијата, изјави Колева.