Колева: СДСМ подготви нов закон кој го штити и унапредува македонскиот јазик

од Nikola Popovski

СДСМ подготвува нов Закон за употреба на македонски јазик со кој ќе се прошират областите во кои задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, изјави денеска пратеничката на владеачката партија, Даниела Колева на прес-конференција по повод 5-ти мај – Денот на македонскиот јазик.

Според Колева, со новиот закон ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање на текстови што се објавуваат: општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа, како и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката.

-Задолжително ќе се лекторираат меѓународните ратификувани договори и публикациите и учебниците што се издаваат на македонски јазик, како и магистерските и докторските трудови што се напишани на македонски јазик.

Согласно Законот се предвидува основање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице.

За поголема афирмација на творештвото на македонски јазик воведуваме нова државна награда Блаже Конески со која ќе се оддава општествено признание на поединци, групи лица, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани кои со својата активност дале придонес кон промоцијата, заштитата и унапредувањето на македонскиот јазик.

СДСМ како државотворна партија продолжува со реализација на мерки и политики кои ја штитат и унапредуваат употребата на македонскиот јазик, рече Колева во своето обраќање до јавноста.

Слични содржини