Колкави се платите во Германија: Странците заработуваат скоро 900 евра помалку од локалното население

од Nikola Popovski
368 прегледи

Вработените странци во Германија заработуваат многу помалку од домашните граѓани, покажува статистиката на Федералната агенција за труд.

Додека германските граѓани минатата година имале просечен приход од 3.509 евра бруто – пред даноците и придонеси – таа вредност за странците била 2.614 евра.

Во прашање не е просекот, туку таканаречената средна вредност, вредноста под и над која е точно половина од целиот приход.

За разлика од просечната, оваа вредност го ублажува влијанието на многу ниските и особено многу високите плати и се смета дека зборува подобро за стандардот на „обичниот“ човек.

Странците работат многу помалку платени работи

Разликата меѓу Германците и странците е особено драстична кога станува збор за новодојдените од Сирија, Авганистан или Еритреја кои заработуваат 1.475 евра помалку од локалното население.

Статистичките податоци ги објави Сојузната влада како одговор на парламентарната истрага од редовите на„Алтернатива за Германија“. Особено се забележува колку разликите се зголемиле во претходните години – така што во 2010 година разликата беше 11,6 проценти (317 евра). Разликата не може да се припише само на образованието бидејќи таа постои дури и кај неквалификуваните работници – странците добиваат 415 евра помалку од Германците.

Неквалификуваните работници од Балканот заработуваат 208 евра помалку месечно, додека луѓето од бегалските земји имаат 657 евра помалку месечно.

Само 16 проценти од сите германски вработени работат во таканаречениот „сектор со ниски плати“, додека учеството на странците е 37 проценти.

Дали миграцијата ја намалува заработката?

Германската влада ја објаснува разликата во платите со тоа што работниците од странство честопати имаат помалку искуство и експертиза. Според одговорот на владата, ангажирањето на повеќе странци може да има „ефект на притисок врз просечната заработка“.

„Луѓето кои штотуку се преселија во Германија се на почетокот на својата кариера“, вели Херберт Брикер од Институтот за истражување на пазарот на трудот во Агенцијата за труд.

„Нивните плати значително ќе растат за време на нивните кариери“, рече тој за агенцијата „dpa“.

Рене Спрингер, пратеник од Алтернатива за Германија, кој го поднел ова барање до владата, вели дека „имиграцијата не смее да доведе до опаѓање на заработувачката“. Неговата партија силно се спротивставува на масовната имиграција, пред се на приемот на барателите на азил.

Брикер вели дека „пристигнувањето на мигрантите има само маргинално влијание врз платите“.

Разликите, според Владата во Берлин, може да се намалат со законски пропишаната минимална плата што постои веќе неколку години и со поттикнување на странците да студираат во Германија.

Според Сојузната агенција за труд, во последниот месец од минатата година, 21 милиони домашни граѓани и три милиони странци имале полно работно време во Германија.

Слични содржини