САД ја проширија црната листа на лица од Македонија поради корупција. Покрај Орце Камчев, за персона нон грата се прогласени неговата мајка и брачниот пар Самсоненко. На листата завршија и пет фирми кои се поврзуваат со нив, меѓу кои се „Орка Холдинг“ и „Систина Лајф Кеар Центар“. Основата за ставањето на црна листа за брачната двојка Самсоненко и мајката на Камчев се трансакциите опфатени со случајот парцели на Водно, во кој Русинот сведочеше, а Камчева со синот Орце беше обвинета за перење пари. На листата е и бизнисменот Миодраг Давидовиќ-Дака, познат во Македонија по скандалот „Шик Јелак“, a во образложението за него се спомнуваат и имињата на екс-премиерот Зоран Заев и поранешниот генсек на Владата, Драги Рашковски.
Дали корупцијата во земјава ќе се намалува ако и понатаму се поставуваат корумпирани актери на црната листа?
Експертите се децидни дека корупцијата во државата никогаш нема да исчезне, се додека не постои политичка волја од носителите на власта за справување со истата. Според професорот од Правниот факултет при УКИМ, Борче Давитковски, ако сакаме да ја намалиме корупцијата тогаш мора на носителите на политичката власт да им забраниме да располагаат со јавните пари (буџет, фондови и сл.).
Во разговор за „Локално“, Давитковски бара поставување на тим од официјални лица од странство кои ќе ги спроведуваат јавните набавки.
-Само со воведување на Валутен борд составен од странци кои ќе ги спроведуваат (трошат) јавните набавки на буџетските средства, можеме да се надеваме дека ќе отпочне процес на намалување на корупцијата, која за жал во нашата држава зазема ендемски размери. Кај нас во политика се влегува заради збогатување,а не поради идеолошки или професионални ангажирање за унапредување на соодветниот сегмент од политиката и власта, дециден е професорот.
Со оглед на фактот дека во изминатите 32 години никој носител на јавни функции не дал отчет за сработеното, а со тоа и не одговарал за квалитетот на сработеното, посочува Давитковски, затоа од нашиве досегашни носители на јавни функции не може да се очекува да водат вистинска борба против корупцијата.
Адвокатот Владо Бангиевски смета дека Американците секогаш воделе сметка за своите интереси, независно за кого и за што се работи. Оценува дека црните листи за личности, организации или држави, секогаш имаат безбедносен или економски карактер.
-Претпоставувам дека во конкретниот случај, со Сергеј Самнсоненко и неговата сопруга како и со мајката на Орце Камчев – Ратка се работи за загрозување на економските интереси на САД независно какви се тие и од колкаво влијание се. Опасно е кога се впуштате во недозволени или т.н. црни бизниси со западните земји, конкретно со САД, без притоа да водите сметка дека тоа, кога – тогаш може да исплива на површина и да имате последици: лични или бизнис! Како и да е, одлуката секако дека ќе има влијание и последици врз нив, но какви ќе бидат тие зависи од тоа какви бизнис или лични релации имале конкретните личности со САД, анализира Бангиевски за „Локално“.
Очекува ова да биде „црна дамка“ врз земјава од странска гледна точка, но нема да биде прва, а веројатно ни последна.
-Ние како држава традиционално имаме проблем со бизнис – моќниците, кои своевремено стануваат толку моќни, што институциите немаат капацитет – ни можност, да спроведуваат мерки спрема нив, кога тие бизнис – моќници ќе бидат фатени во криминални активности. Таков е случајот на пример со Сашо Мијалков – а и не само со него! Сетете се на другите афери кои оваа земја ги имаше со некои бизнисмени и бизниси. Но, тоа не е проблем на Америкаците – тоа е наш, внатрешен проблем, кои ние никако не успеваме да го решиме. Црните листи на САД само не потсетуваат какви се нашите внатрешни состојби и капацитети, да се справиме со стопанскиот криминал во земјава, предупредува соговорникот.
Според него, ќе се зголемува црната листа, но тешко дека ќе се намалува корупцијата во земјава. Вели дека се зависи од проценката на американските финансиски служби.
-Но тоа е веќе работа на Американците! Наша работа е сериозно да се зафатиме во борбата со корупцијата во Македонија, која ја има на „кило“! Не треба некој да се најде на некоја црна листа за да нашите надлежни органи сфатат дека некој е корумпиран или дека корумпира во континуитет! Тоа само зборува за слаб институционален капацитет на земјава! Критериум за нечија корумпираност не треба да биде црната листа на САД и дали некој наш државјанин таму ќе се најде. Критериум мора биде законот! Тој определува што е корумпирано дејствие – а што не е, а не нечија странска црна листа! Но, во оваа насока работите за жал никако да тргнат на подобро, заклучува Бангиевски.
Американските власти во јуни годинава на „црната листа“ ги ставија градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, неговата сопруга и нивните три деца, на кои им беше забранет влез во САД, поради „сериозни докази дека градоначалникот на Струга е вклучен во корупција, злоупотреба со пари и мешање во судски случаи и други јавни процеси, на штета на демократските процеси во државата“.
Од минатата година, на црната листа се и поранешниот премиер Никола Груевски и неговиот прв братучед и поранешен шеф на Службата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков. Од претходно САД ги обележа за персона нон грата и поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски и лидерот на ДПА, Мендух Тачи. И компанијата „Сајтрокс“ исто така беше ставена на листата за обиди за пристап до информациски системи, загрозувајќи поединци и организации ширум светот.
Н.П.