Колку кандидатурата на Таравари може да биде замка за ВМРО-ДПМНЕ: „ЕСП има своја стратегија, но Мицкоски нема да наседне на политичка игра“

од Nikola Popovski

Претседателот на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, објави дека е кандидат за претседател на државата, на предлог на претседателството на Алијансата, со поддршка на Европскиот сојуз за промени. Рече дека е дојдено време државата да има претседател Албанец, не технички, туку вистински. „Јас ќе побарам поддршка од сите политички партии, вклучувајќи ги и другите албански партии, како и македонските, бошњачки, турски, ромски и сите оние коишто сметаат дека јас сум човекот којшто треба да ја предводи државата во следните пет години. Исто така бараме поддршка и од невладините организации и од сите групи на граѓани, било како да се организирани. Но, пред сè барам поддршка од народот којшто е најважен за мене како кандидат за претседател“, нагласи Таравари од Гостивар. Името на Таравари како можен претседателски кандидат на опозицискиот блок на Албанците се споменуваше уште од средбата која тој и лидерите на Европскиот сојуз за промени ја имаа со косовскиот премиер Албин Курти во Приштина на крајот на јануари годинава.

Што го пишмани Таравари?

Експертската јавност во државата смета декa ова ќе биде стратегија на здружената албанска опозиција со која во првиот круг од претседателските избори ќе сака преку Таравари да постигне што е можно подобар изборен резултат и со тоа да дадат силен инпут на парламентарните избори кои ќе се случат на 8 мај. Сепак за тоа дали ќе им успее или не, професорот и политички аналитичар, Самоил Малчески вели дека најубаво ќе видиме на денот на избори.

Самоил Малчески

Според него, „актуелниот претседател Пендаровски е под секое ниво за функцијата која ја обавува“. На прашањето дали Таравари е прифатлив за претседател на државата за двата етникума, Малчески во разговор за „Локално“ вели дека воопшто не е битна етничката припадност на следниот претседател на Македонија.

-Според мене многу е побитно тоа да биде личност со интегритет, знења, ставови и вештини, личност која ќе го поврати општественото и политичкото значење на функцијата шеф на државата, истакнува соговорникот.

Околу тоа дали може да се случи ВМРО-ДПМНЕ да поддржи албански кандидат за претседател, професорот смета дека партијата не тежнее кон албанскиот опозициски блок, туку повеќе е посакуван партнер на ВМРО ДПМНЕ при формирање на следната Влада.

-Да бидеме искрени, она што ДУИ со поддршка на СДС и го направи на Македонија, целиот тој криминал, корупција, непотизам, рушењето на институциите, како и пазарењата на штета на Македонските национални интереси треба да биде казнето и овие две политички партии треба да заминат во историја. Благодарение на нивното дивеење по Македонија денес сите ние лошо живееме без разлика дали сме дел од македонскиот народ или дел од некоја етничка заедница, укажува Малчески.

Во однос на кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, додава тој, јасно е дека на втори март ќе има конвенција на која партијата на Христијан Мицкоски ќе го избере својот кандидат.

-Судејќи по анкетите и рејтингот кој го има партијата и лично Мицкоски, како и неколкуте имиња кои се спомнуваат како можни претседателски кандидати, мислам дека во овој момент ВМРО ДПМНЕ ќе оди со свој претседателски кандидат кој со сигурност ќе биде следен претседател на Македонија, наведува соговорникот.

-Мислам дека ниту Мицкоски, ниту ВМРО ДПМНЕ како политичка партија со сите свои тела и органи се наивни, ниту пак во овој момент ќе наседнат на една таква политичка игра. Мислам дека нема да прифатат да играат на карта на квази етнонационализам бидејќи низ годините се покажа дека тоа е погубно за Македонија. Во овој момент на таа карта играат ДУИ и СДС бидејќи немаат што друго да понудат на граѓаните. Но, ако можеме да судиме по моменталните анкети и тој квази етнонационализам не им поминува бидејќи се прочитани од страна на граѓаните, заклучува Малчески.

Алберт Муслиу

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу тврди дека Алијанса за Албанците беше втора партија по сила, а сега ова што ѝ се случи,  ја прави повеќе зависна од другите две политички групи. Според него, Таравари нема време да регистрира нова партија и ќе се зголеми зависноста.

Тој вели дека одамна немаме политички говори од политичари кои ќе ги мотивираат граѓаните туку имаме негативни наративи.

– Левица и Знам може да го расипат или да го поправат пазарот. На денот на избори секој може да победи, а во општество каде реакциите се менуваат на неколку дена не може во бројки да се процени иако очигледно е дека анкетите покажуваат водство на ВМРО-ДПМНЕ. Но, не сум сигурен дека тоа водство е двојно или тројно, вели Муслиу.

Од парламентарните партии досега освен ЕСП и Левица веќе го промовираше својот претседателски кандидат. На 7 февруари, како кандидатка тие ја претставија професорката Билјана Ванковска од Филозофскиот факултет во Скопје и најавија дека ќе почнат со собирање на потребните 10 000 потписи за нејзината кандидатура.

Покрај претседателски избори, на 8 мај заедно со вториот круг, гласачите во Северна Македонија ќе гласаат и на парламентарни избори.

Претседателот на Собранието, Јован Митрески, според најавите, вчера ги распиша изборите, а кампањата треба да започне на почетокот на април.

Н.П.

Слични содржини