Колку на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ им одговара претседател Албанец: „На Бихаќка не играле на етно карта, преголем ризик е за Белата палата која својата идеологија ја темели врз патриотизам“

од Nikola Popovski
544 прегледи

Дали СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ би се согласиле со претседателски кандидат Албанец: „На двете партии им одговара во компензација за извршна власт, што претставува трагедијата на Рамковниот договор и македонската држава“

По премиер Албанец, се крчка и претседател Албанец? Вака може да се сфатат вчерашните предлози и најави околу името на кандидатот за нов шеф на државата. Се појавија неколку можни комбинаторики. Европскиот сојуз за промени испрати понуда до лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари да биде нивен претседателски кандидат. Оттаму велат дека сè уште немаат договор за коалиција, но, оти има сигнали оти такво нешто може да се случи. Сепак, нивната понуда не е прифатлива за Таравари. „Точно е дека албанската опозиција има разговарано со мене да бидам претседателски кандидат, но јас не сум заинтересиран“, рече тој.

За Алијансата во игра се неколку опции, откако лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски објави фотографија од средба со Таравари, на којашто се разговарало за реализација на програмата на Владата и за политиките за продолжување на европскиот пат до полноправно членство во ЕУ. Нема информации дали на маса била и понудата којашто претходно ја добил Таравари од опозиционерите од албанскиот кампус. Ова следува откако првите луѓе на здружената албанска опозиција, плус Таравару, деновиве во Приштина имаа средба со косовскиот премиер Албин Курти.

Можен ли е Албанец претседател без поддршка на Македонците во земјава?

Во нашево актуелно сложено општество и уставно комплицирана држава, апсолутна поддршката за Албанец претседател засега, реално, не е можна, смета новинарот и аналитичар на состојбите, Зоран Иванов. Според него, колективните популистички етно набои, да не речам национализми, за жал, уште се таа моќна партиска алатката за изборни гласови.

Зоран Иванов

-Инаку, во принцип, зошто да не, што фали „немакедонец“ да е претседател на Македонија. Впрочем претседателот е претседател на државата, а не на нациите во неа што подразбира дека претседател може да биде личност од која и да е, дури и од некоја во уставот нерегистрирана етничка припадност. Важното е да е личност, објаснува Иванов за „Локално“.

На прашањето дали би можел да „помине“ кандидат Албанец кој не е член на некоја партија, Иванов посочува дека тоа „нивен“, или тоа „наш“, се уште транзициски и пред, се племенски, квалификативи кои прогресираат поделби, и вели дека за него се „де моде“.

-Во земјава се уште нема услови, нема политичка култура, уште помалку политичка клима не партиите, туку граѓаните во одреден предизборен период да препознаат соодветен кандидат. Таравари проценил дека дури и сите гласачи Албанци да застанат зад него во првиот изборен круг, етно реакцијата од се уште помоќниот етно табор нема да му донесе изборна победа па веројатно и од тие причини, се заблагодарил на кандидатурата, оценува соговорникот.

Иванов смета дека ВМРО-ДПМНЕ не може да се согласи на идејата претседател Албанец, за да биде целосно во пол-позиција за преземање на власта по 8-ми мај.

-Тоа кај ВМРО-ДПМНЕ се уште не е можно. Целиот свој ментален партиски капацитет оваа партија три децении го вложува во етно популизмот и тоа главно врз некаков антиалбанизам и од тие причини нема теорија тоа да се случува најмалку во уште декада наредно време. На Таравари треба да му се верува, барем во тоа дека неговиот автомобил не бил паркиран пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, но што се однесува до контактите, зошто не би ги имал, посебно што кај нас интересите во политиката доминираат над принципите и идеологиите, анализира Иванов.

Колку што  јас ги разбирам политичките околности, додава новинарот, СДСМ речиси никогаш не играл на етно карта, па дури и предизборно.

-Секако дека за одредени ситуации имало и меѓупартиски пазари но тие не биле врз етнички основи. Со ВМРО-ДПМНЕ, тоа не е случај. Напротив, една од главните изборни алатки на оваа партија секогаш ѝ е етно популизмот и за овие избори тој идеолошки дизајн не ќе може да го избегне, па мислам дека е невозможно дури и да се поверува дека партијата ќе подржи кандидат за претседател на државата Албанец, не барем до овие годинешни избори, заклучува Иванов, одговарајќи на прашањето дали во моментов и на двете најголеми македонски партии им одговара претседателски кандидат Албанец.

Колку им одговара на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кандидат за претседател Албанец?

Политикологот Иво Ранѓеловиќ смета дека е погрешен пристапот на ваквата реторика која се повикува на етнос при избор на државна функција, но формалниот одговор е дека такво нешто е возможно, исклучиво доколку партиските манипулации и калкулации во македонскиот политички блок посегнат по вакво нешто, со цел власт.

Иво Ранѓеловиќ

-Еден претседател на Македонија може да доаѓа од било кој етникум, а по националност македонец, се додека истиот се грижи за и обраќа на целокупниот народ, го говори македонскиот јазик и ги почитува нејзините традиции, обичаи и културни вредности, оценува Ранѓеловиќ во разговор за „Локално“.

Соговорникот смета дека согласно постоечката ситуација во политиката, но и општествениот капацитет на гласачкото дело генерално, тешко може да очекуваме изгласување на кандидат кој не е член на некој партија. Оттаму, тврди тој, уште потешко може да очекуваме некоја партија да истрча со кандидат кој формално не е дел од таа партија.

Ранѓеловиќ не е убеден дека доколку ВМРО-ДПМНЕ се согласи на идејата претседател Албанец, ќе осигура победа и/или формирање на влада по изборите, пред се поради разводнување на основното гласачко тело со кое располага таа партија.

-Преголем е тој ризик за најголемата македонска партија во десницата, која својата идеолошка припадност ја темели врз патриотизам, објаснува политикологот.

Единствено партиските калкулации и манипулации во македонскиот политички блок, додава Ранѓеловиќ, може да резултираат со претседател Албанец.

-Од друга страна, точно е дека на двете партии им одговара претседател Албанец во компензација за извршна власт. Тоа е всушност и трагедијата на рамковниот договор, македонскиот политички систем, но и на македонската држава, дециден е политикологот.

Н.П.

Слични содржини