Во колкава мера најавените инвестиции во енергетскиот систем ќе успеат да ја приближат нашата држава до што поголема енергетска независност? Познавачите на состојбите кои во изминатиот период со внимание ги следеа ветените проекти на новата Влада направија свои анализи околу очекуваните бенефити, особено во однос на најавената инвестиција во ветерни паркови.
Според професорот Антон Чаушевски, прво треба да се почекаат одредени одговори , како на пример – кој ќе ја преземе произведената електрична енергија, по која цена ќе се наплаќа… но истовремено треба и да се води сметка за начинот на справување со предизвикот на балансирање на таа енергија.
Професерот вели дека ќе има доста обновливи извори на енергија во мрежата но ќе требаат и други технологии со кои ќе имаме сигурност во снабдувањето.
„ОИЕ се доста динамички, работат само кога има ветер. Што ќе правиме ако наеднаш ќе дадат 300 мегавати а потоа нула? Такво играње со моќноста прави голем динамички потрес во системот бидејќи не е толку динамична потрошувачката на енергија колку што е димичко нивното работење, со доста променлива моќност додека барањето на потрошувачите е во поблага форма“, вели Чаушевски за „Локално“.
На потребата од временска дистанца после која ќе може да се се даде целосен и објективен приказ на бенефитите, но и на степенот на реализација на најавените проекти во сите сектори посочува и професорот Ванчо Узунов.
„Во изминатиот период имавме можност да слушнеме многу ветувања за нови проекти кои според проекциите ќе треба да се се реализираат во буквално секој ден од календарската година, но секако дека останува да се види дали и колку од сето тоа ќе се исполни. Многу од работите зависат од условите, и тоа како внатрешните така и надворешните, вкупните глобални текови кои влијааат и врз нас како мала еконоимија, и секако од парите. Многу од најавените проекти изискуваат значителни средства, и прашање е како и на кој начин тие можат да се обезбедат. Сепак, како што првично посочив, останува да видиме, бидејќи подобрата и поквалитетна економска слика е во интерес на сите нас“, изјави Узунов за „Локално“.
Во меѓувреме, токму економската слика е меѓу основните фактори на кои што се повика Владата кога пред неколку дена излезе со став дека нема да се покачи цената на електричната енергија.
Според професорот Чаушевски тоа не е така едноставно од технички аспект, посочувајќи го како аргумент фактот дека и производителите имаат своја цена.
„Може Владата да преземе обврска да субвеницонира дел од електричната енергија, за на малите потрошувачи и домаќинствата да им биде поевтина цената. Нема друг начин. Не може со декрет да се каже нема да се зголемува цената“, вели Чаушевски.
Во оваа насока, детално ја образложува и премисата дека преку нови инвестиции нашата држава може да стане енергетски независна. Според него, единствено што можеме е да ја намалиме зависноста, бидејќи целосно е невозможно.
„Сепак сме зависни од фосилни горива, од нафтени деривати.Ако имаме гасни електрани ќе бидеме зависни од гасот кој го увезуваме , не можеме да збориме за таква независност. Не може Македонија да стане нула независна. Обновливите извори ќе ги искористиме до максимум, правиме ФЕЦ, ВЕЦ, но пак ќе ни требаат течни деривати, гас, фосилни горива, што е сепак од увоз“, вели Чаушевски.
Во однос на дилемите за тоа колку години инвестирањето во енергетскиот систем може да ни донесе контролирана цена на електричната енергија, тој упатува на повеќеслојноста на одговорот. Како поткрепа го посочува фктот дека цената е пазарна, што понекогаш упатува на ситуации кога дури и во услови на голем број новоизградени електрани. Оттука, како што вели, многу од работите не зависат само од нас бидејќи не сме затворен систем.
К.В.С.