Пишува текстилна работничка од Злетово

Следејќи ги на интернет излагањата на моите колеги вработени во текстилната, кожарската и чевларската индустрија, со цел во јавноста да ја покажеме вистинската слика за тоа што се случува со работничките права во текстилните фабрики во истокот, решив и јас да пишам неколку збора околу тоа. Не ретко овде е случај по завршувањето на средното училиште веднаш да се влезе на работа во конфекциите, оние кои не сакаат да го продолжат своето образование или не се финасиски моќни (да, денес факулетот чини 200 евра, но запомтете, текстилната плата не ги покрива основните трошоци, не пак да имаш финансии да си го пратиш детето на факултет) најчесто после матурата одат да работат во конфекциите. Една од нив бев и јас. Значи на оние 5 години кои му се потреби на работодавецот да одлучи дали си ти добар работник или не, и дали ќе ти даде договор на неопределено време, претходно му беа потребни и дополнителни 6 месеци за да види дали треба да те осигура. Денес не е многу поинаку, ваквата пракса се уште се спроведува во фабриките, најмногу во оние за текстил.
Работејќи во оваа индустрија констатирав дека овде речиси не постои ден каде што нашите работнички права не се прекршуваат. Едно од најчестите прекршувања е одењето прекувремено на работа, во текот на неделата одиме по трипати до 17 часот и не се ретки случаите кога ја работиме и неделата. Денот на една текстилна работничка се состои од работа, работа и работа, ние немаме време за било каков одмор, немаме време да си ги погледнеме фамилиите, ние сме дома по неколку часа во денот, но исто како да не сме, изморени физички и психички. И оној одмор кој го имаме за да се одмориме, ние и не го добиваме како што е запишано законски. Од 20 работни денови годишен одмор, ние добиваме една недела заедно со државни празници и викенд. Има некои колешки кои земаат и подолг одмор, но тоа се поединци, додека мнозинството има право на одмор само една недела.
Ако помисливте дека:”Штом уште работите под овие услови, сигурно имате добри плати”, ќе ви кажам дека се лажете. И таму сме дотепани, плата никаква, услови минимални, без менза. Ако случајно заедно со сите прекувремени, празници и недели платата надмине 12 000 илјади, се над тоа се добива во плик за да не избегне плаќањето на данок. Затоа се „газди“. Сигурно си велите зошто не пријавите? Каде? На кого? Кога доаѓа инспекција се одбираат неколку колешки на кои им се кажува што треба да кажат, инспекторите се задржуваат кратко, не ни влегуваат во погонот и НИКОГАШ не се констатира никаква аномалија во работењето. Трудовиот инспекторат треба да биде нашето прибежиште, а тој е всушност сигурносна заштита на работодавачите. И ете, се повеќе се охрабруваме и ги изнесуваме нашите животни приказни во јавност. Но ни фали храброст да се спротивставиме на неправдите кои ни ги нанесуваат нашите претпоставени. Тогаш би се сменила можеби состојбата која е иста децении наназад, но нема слога, нема солидарност, страв е во прашање. И таа плата од 12.000 денари ќе ја немаме.
Ете тоа е дел од правата вистина како изгледа еден работен ден во конфекциите на истокот. Ете така се станува искусен работник.
извор: MHC
Овој текст е објавен во рамките на проектот „Правно зајакнување на текстилните работнички за самозастапување“ поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Ставовите изразени во тесктот и припаѓаат исклучиво на авторката.