Првата дама на САД, Џил Бајден, во средата се приклучи на бдеењето во спомен на трите деца и тројцата возрасни убиени оваа недела во христијанско училиште, меѓу кои и двајца наставници кои биле блиски пријатели на сопругата на гувернерот на Тенеси.
Неколку стотици луѓе се собраа на свеченоста на отворено која започна околу еден час пред зајдисонце во паркот Nashville Public Square. Собирот се одржа пред градското собрание во главниот град и најголемиот град на Тенеси, неколку милји од местото каде што се случи масакрот во понеделникот.
Церемонијата траеше околу 30 минути, а се состоеше од молитви и изведби на музичарите Шерил Кроу, Марго Прајс и Кеч Секора.
Имињата на жртвите беа повторени неколку пати во рецитирањето за време на оддавањето почест: 9-годишните ученици Евелин Дикхаус, Вилијам Кини и Хали Скругс, заедно со членот на обезбедувањето Мајк Хил (61), директорката на училиштето, Кетрин Кунче (60) и наставничката Синтија Пик (61).